Случај дрога во полициско возило на албанско-црногорската граница
Foto

Случај дрога во полициско возило на албанско-црногорската граница

Пронајдената дрога во службено возило Крајслер Војаџер на МВР  на граничниот премин „Сукобин“ на албанско црногорската граница, МВР потврди дека се наоѓала во возилото уште во 2016 година, а според официјалните информации на Царинската управа, токму во 2016 година на граничниот премин Блаце, спречен е шверц на 32,5 килограми марихуана, сокриена во бункер во моторно возило Крајслер Војаџер со шведски регистарски таблички.

На објавените фотографии пак се гледа дека колата е целосно раштрафена и дрогата е пронајдена, па останува нејасно како и денеска во автомобилот има дрога. Од МВР сепак не потврдуваат дали  дали станува збор за истото возило, тие велат дека истото го добиле од Агенцијата за управување со одземен имот.

Оттаму пак за ТВ24 , велат дека МВР веќе три години го има возилото, откако со одлука во ноември 2017 година возилото им е доделено, а во 2018 година тие го подигнале возилото. Од МВР велат дека лицата кои се наоѓале во возилото во моментот кога е откриена дрогата е утврдено дека немаат вина и тие се вратени во Скопје. 

- Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје. Вработените задолжиле службено возило од авто паркот на МВР, кое инаку МВР го користи откако е добиено од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од страна на Царинската управа во акција за сузбивање на трговија со дрога во 2016 година. - велат од МВР.

Поранешниот началник во МВР, Љубомир Ѓурчевски, коментирајќи го случајот за Телевизија 24 вели дека кога одредено возило е запленето од Царинска управа, поминува преку низа на проверки и не е возможно вработени во МВР да користат возило кое не е детално проверено. 

Нелогичности во случајот гледа и поранешниот началник за внатрешна контрола во МВР, Воислав Зафировски, кој вели дека сета дрога која е запленета останува во депото на МВР и дека не е возможно истата да остане во возило со кое управува државна институција. 

Во врска со пронајдената дрога стара пет години известено и нашето Јавно обвинителство и се очекува постапката да продолжи таму, се до целосно расчистување на случајот. 

0 Коментари

Остави коментари