Скандалозни постапки - со чочек се прослави укинувањето на полицискиот час
Foto

Скандалозни постапки - со чочек се прослави укинувањето на полицискиот час

Полни кафеани, со песни и играње чочек на маса помина првата вечер од отворањето на угостителските објекти. Сто инспектори од пазарниот инспекторат, кои биле излезени на терен сношти останале запрепастени од она што го затекнале. Во најголем дел од кафеаните се почитувале мерките за лична заштита, но во дел, пак, се правеле журки, како во најлудите новогодишни ноќи. Директорот на пазарниот инспекторат вели дека од фотографиите и видеата што ги направиле инспекторите, се гледа дека граѓаните во кафеаните не покажале ни свесност, ни совесност за пандемијата. И затоа инспекторите ќе почнат со казни уште од денеска.

„Она што инспекторите го констатираа на терен, не беше ни фамилијарно, ни по четири, туку беше жива журка како да се завршило, како да завршила една воена состојба, а не вонредна состојба. За жал совеста и свеста попуштија кај сите граѓани на нашата држава. Посебно на оние кои што организираат угостителство“. - Стојко Пауноски, директор за Државен пазарен инспекторат.

Делови од протоколите за работа на угостителите ќе мора да бидат изменети зашто не можат практично да се применат, вели Пауноски. Келнерите можат да бараат лична карта само за да не се служи алкохол на малолетник, но не и да да се проверуваат семејните врски.

Промена на протоколот бара и Министерството за економија, зашто биле затрупани со такви барања.

До Министерство за економија по објавување на Протоколите се пристигнати голем број на реакции од страна на Здруженија, Комори и Асоцијации на угостители со забелешки дека истите не можат да постапуваат по Уредбата од причина што Согласно Законот за угостителска дејност, келнери, менаџери или управители на угостителски објекти немаат право да легитимираат граѓани, односно гости.

Од Комората на угостители велат дека бараат да се дозволи на маса да седат по четворица кои не мора да се од исто семејство. И да се тргне обврската за барање на лична карта.

„Она што можат келнерите да направат е кога ќе дојдат повеќе од двајца, да ги прашаат дали се дел од семејство. Сето останато останува на онаа социјална свест што ја кажуваме и на која се повикуваме. Нашиот предлог е да се дозволи да седат по четворица на маса со тоа што сите треба да бидеме свесни и одговорни. Тие четири лица и да не седат овде, пред да даојдат биле заедно“. - Мартин Ангеловски, Угостителска комора.

Дел од сопствениците на кафулињата велат дека првиот работен ден бил стресен и за нив и за гостите. Сведочат за разни ситуации. На кафе седнувале по три другарки, кои тврделе дека се братучетки или, пак, колешки кои заедно работеле во иста канцеларија. Во слични вакви ситуации келенерите се објаснувале со гостите што било понижувачко и за гостите и за вработените.

Според протоколите угостителите можат да работат само на летните тераси и тоа до 22 часот. На една маса може да седат две лица, а ако се од исто семејство може и четворица. Масите треба да се оддалечени најмалку 1,5 метар.

0 Коментари

Остави коментари