Скандал во Tурција: По силните реакции, 12-те сограѓани во Kападокија ќе преспијат вечерва в хотел
Foto

Скандал во Tурција: По силните реакции, 12-те сограѓани во Kападокија ќе преспијат вечерва в хотел

Дванаесеттемина македонски граѓани кои заглавија низ процедурите на македонската агенција „Орфеј“ за ТВ24 тврдат дека се измамени и дека поради проблеми во комуникацијата со партнерската агенција од Истанбул „Ванчал Туризам“ биле оставени надвор од хотелот, во турската Кападокија. Откако ТВ24 информираше за овој случај, македонското конзуларно претставништво во Турција стапи во контакт со македонските граѓани кои пак велат дека вечерва ќе отспијат во хотелот „Вива“, а за што претходно платиле навремено по околу 600 евра по човек на 15 април. Тие велат дека и двете агенции си поиграле со нивните судбини за време на овие велигденски празници.

Од туристичката агенција „Орфеј“, сопственикот Робертино Трајковски за ТВ24 тврди дека навремено ги средиле сите процедури, но одговорноста ја префрла кај партнерската агенција „Ванчал туризам“, поради тоа што фактура од нивна страна добиле на неработен ден во државава, односно вчера.

Од партнерската агенција во Турција - „Ванчал туризам“, вработената Наталија Ѓорѓиевска – Атаји тврди дека пропустот е кај агенцијата „Орфеј“ бидејќи навремено не ги исплатило средствата за сместување на 12-те туристи. Првата вечер ја платила од сопствениот буџет на агенцијата, но тврди дека и преостанатите три ноќевања ќе ги плати од буџетот на нејзината агенција.

„Орфеј“ не ги исплати навреме парите за 12-те туристи. Одлучив од сопствен буџет на агенцијата „Ванчал Туризам“ да ја платам и првата вечер, откако настана проблемот повторно решив да платам од буџетот на агенцијата со ветување од агенцијата „Орфеј“ дека ќе ги исплатат преостанатите средства – пари коишто ќе ги добијам во кеш во Истанбул. 12-те туристи се сместени во хотел и нема да има проблем. Проблемот ќе го решиме со агенцијата „Орфеј“. - изјави Наталија Ѓорѓиевска Атаји - вработена во агенцијата „ Ванчал Туризам“.

Македонските туристи тврдат дека и понатаму стравуваат за нивниот претстој се додека не добијат документ дека е обезбеден. Тие дознале дека остануваат на улица утринава кога од хотелот „Вива“ ги известиле дека не им е платено за останатите три дена и дека им било кажано, доколку сакаат да останат во истиот хотел ќе треба да си платат од сопствени средства. Но, вечерва велат ќе останат во хотелот бидејќи партнерската агенција ги известила дека е подмирен долгот кон хотелот.

0 Коментари

Остави коментари