Скандал со државна помош: Фирмата што зела најмногу пари помош од државата работи на изградбата на автопатот Кичево-Охрид
Foto

Скандал со државна помош: Фирмата што зела најмногу пари помош од државата работи на изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Фирмата „Викторија Инвест“ од Албанија со седиште во скопската општина Карпош, која што добила најмногу пари од државата, а не им исплатила на своите вработени е истата фирма која што работи и на изградбата на автопатот Кичево – Охрид како подизведувач.

Но, името на истата фирма се поврзува со уште еден скандал. „Викторија Инвест“ преку подружницата во Струга пред неколку години заработила и кривична пријава поради тоа што вршела нелегален ископ на минерални суровини во Дебрца. 

ТВ24 се обиде да стапи во контакт со одговорните лица за да добие одговори зошто ја злоупотребиле државната помош и дали планираат да им ги исплатат парите на вработените, но вратата на фирмата беше затворена, а никој не одговори ниту на телефонските повици.

Ова е седиштето на фирмата „Викторија Инвест“  која што е една од стотици фирми кои што добиле финансиска помош од државата, а не ги исплатиле своите вработени. Според листата што ја објави Владата, оваа фирма зела над 600.000 денари за 86 вработени, а не им исплатила ниту денар.

Меѓу фирмите кои што се најдоа на листата на УЈП за неисплатени минимални плати од државната помош се и три компании кои што добиле пари од Фондот за иновации. Од Фондот веќе соопштија дека ја сопираат реализацијата на проектите.

Според информациите од Владата, од објавувањето на скандалот од страна на УЈП до сега само 30 фирми им ги префрлиле парите на сметките на вработените.

Целокупната листа со фирмите е испратена и до Светската банка, која што и позајми дел од парите на државата за да им се помогне на работниците во време на корона кризата. Од таму велат дека освен што фирмите ќе треба да ги вратат парите, ќе бидат и дел од истрага што ќе ја спроведе Светската Банка. 

Во меѓувреме Владата според најавите на генералниот секретар веќе подготвува соодветни постапки пред Обвинителството и најдоцна до среда ќе бидат поведени против сите оние газди кои што немаат исплатено, а ги имаат добиено парите од државата. На газдите им се заканува и казна затвор од 1 до 10 години. По обелоденувањето на скандалот, синдикатите веќе побараа најстроги казни за фирмите, а активистите за работнички права ваквото однесување го нарекоа воено профитерство.

0 Коментари

Остави коментари