СЈО и формално згасна
Foto

СЈО и формално згасна

СЈО и официјално не постои како институција. Сите 171 предмет кои ги отвори и работеше Катица Јанева и нејзиниот тим сега се под надлежност на државниот обвинител Љубомир Јовески.

Деветтемина соработници на Јанева продолжуваат и понатаму да ги застапуваат судските предмети, вели државниот обвинител за ТВ24. Порачува дека Законот за ЈО кој почнува да важи од денеска е гаранција дека случаите на поранешното специјално обвинителство нема да пропаднат.

„ЈО ги презема овие предмети за да продолжи постапката по нив и имаме сила да ги заврши. Не очекувам опструкции, за сите е добро да имаме професионално и самостојно обвинителство.“ - изјави Јовески

Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи денеска продолжија да го застапуваат случајот „Монструм“, кој СЈО го презеде од редовното обвинителство. Нема пречки да продолжиме понатаму, порачува Фетаи.

Сепак судењата нема да течат мазно како што обвинтелството предвидува. Еленко Миланов, адвокат на Миле Јанакиевски и други обвинети во голем дел од случаите на СЈО смета дека законот за ЈО е пречка истите обвинители да продолжат да судат и понатаму.

Обвинителката Ленче Ристоска ноќеска со емотивна порака на Фејсбук ја најави разделбата со СЈО.

„За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, борба за правда, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згласна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност.“ - изјави Ленче Ристоска.

По нецели пет години СЈО заминува во историја, а шефицата на оваа институција Катица Јанева е во домашен притвор и осудена на 7 години затвор за случајот „Рекет“. СЈО поднесе 22 обвиненија со над 100 обвинети. Во затвор се само двајца од нив, бизнисменот Сеад Кочан и началникот од МВР Ѓоко Поповски.

Аферата со прислушувањето „Таргет-Тврдина“ поради која и беше формирано СЈО се уште е во доказна постапка во Кривичниот суд. Со новиот закон за ЈО бомбите во 19 истраги на СЈО нема да бидат користени како докази во судница, освен за обвиненијата поднесени до 30 јуни 2017-та година.

Од денеска на стотина вработени, стручна служба во СЈО им прекинуваат договорите и остануваат без работа.

0 Коментари

Остави коментари