СЈО ГО ДОБИ ДОПИСОТ ЗА ПРЕДАВАЊЕ НА ПРЕДМЕТИТЕ ОД ЈОВЕВСКИ
Foto

СЈО ГО ДОБИ ДОПИСОТ ЗА ПРЕДАВАЊЕ НА ПРЕДМЕТИТЕ ОД ЈОВЕВСКИ

Специјалните обвинители го разгледуваат дописот од првиот јавен обвинител Љубомир Јовески, по кој треба да му ги предадат сите материјали и докази со кои располагаат. Од СЈО не откриваат повеќе информации за постапката и нивните ставови, само кусо велат, дека утре во писмено соопштение ќе излезат со допис до јавноста. Според Јовески, сите технички процедури со кои треба да ја преземе работата на Катица Јанева, ќе се договараат дополнително, па на нашите прашања само кусо одговори:

- „Писмото е примено во СЈО, операционализацијата за преземање на предметите наскоро ќе ја договориме“ - вели Јовески.

Што ќе биде со вработените во СЈО, кој ќе ги преземе нивните предмети, како ќе се пренесуваат „бомбите“ и кој е надлежен да ги слуша, дали ќе бидат докази или индиции - ова се само дел од прашањата кои се уште висат во воздух. На синоќешната лидерска средба, Заев и Мицкоски се согласија само за една работа, дека СЈО е мртво.

Дел од експертите пак, кои гласно се противеа на ова, ситуацијата ја оценуваат како политички циркуз. За професорот Гордан Калајџиев, но и за голем дел од адвокатската и обвинителска фела, нема законска основа, со писмо на Јанева од притвор, да се дозволи – работата на СЈО да ја преземе државното обвинителство.

- „Нема тука спор дека досега требаше да се избере нов јавен обвинител, уште пред неколку месеци, за тој да подготви нов тим и да продолжи со работа. Не е одговорно политички ниту правно е можно да чекате дека некој закон ќе се донесе, еве не се носи, но од каде да знаеме до кога ќе одат овие преговори. И во ваква една кнап ситуација, најдоа изнудено решение, кое е неправно решение, тоа е ова предавањето на предметите, кое е измислено и нема основа во законот.“ - вели Калајџиев.

Професорот потенцира дека оваа ситуација може да има последици во индина, односно и самите обвиниети во предметите на СЈО, да ја спорат законитоста и легитимитетот на постапката пред суд. Адвокатите на обвинетите веќе посочија дека без конкретна регулатива, трансферот на предметите е незаконски. Сепак, ставовите на експертската јавност се чини стануваат неважни кога ќе се седне на политичка маса. А додека политичарите не ја скројат судбината на судските процеси, и дури не заврши предавањето на надлежноста од Јанева на Јовески, сите предмети на СЈО остануваат блокирани, бидејќи, како што порачаа дел од судиите, има правна пречка рочиштата да продолжат.

0 Коментари

Остави коментари