Шведска и Финска заедно ги поднесоа барањата за членство во НАТО

Шведскиот и финскиот амбасадор официјално ги доставија своите апликации за членство во НАТО до генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. За Столтенберг апликацијата е „историски чекор“ во „критичен момент“ за европската безбедност.

Изјава  Јенс Столтенберг генералниот секретар на НАТО

„Топло ги поздравувам барањата на Финска и Шведска за приклучување кон НАТО. Вие сте нашите најблиски партнери“, ова е „историски чекор“ и „добар ден во критично време за нашата безбедност“. 

Турција пак постави дест услови за да нема приговори за приемот на Шведска и Финска во НАТО. Меѓу кои и повикот на Анкара за запирање на финансиската поддршка за сириските курдски Сили за заштита на народот. На што се надоврза и претседателот  Реџеп Таип Ердоган кој побара НАТО да ги почитува безбедносните грижи на Анкара. Според него, посетата на делегациите на Финска и Шведска на Турција, која е закажана за в понеделник на која ќе се разговара за членството на двете земји во НАТО, нема смисла и нема потреба од тоа. 

- Ако сме сојузници, тогаш мора да ја почитуваме и поддржиме грижата на Анкара за нејзината безбедност, за нејзините граници. Гледаме дека нема таков однос кон нас. Веќе реков дека не треба да се заморуваат. Нема потреба за ова. Нема да ја правиме истата грешка двапати. Шведска не може да очекува Турција да го одобри нејзиното членство во НАТО додека не ги врати „терористите“. - изјави Реџеп Таип Ердоган претседател на Турција.

Овие две земји одлучија да аплицираат во НАТО откако се засили воената агресија на Русија врз Украина, тие сметаат дека НАТО им нуди поголема безбедност во непредвидлив период.

До фазата на финализација на нивното членство, Финска и Шведска можат да сметаат на ЕУ за колективна одбрана. Шефот на НАТО истакна дека Алијансата ќе ја процени кандидатурата за членство што е можно побрзо, но безбедносните интереси на сите сојузници „мора да се земат предвид“. Доколку алијансата ги прими, со Финска и Шведска бројот на членки на НАТО ќе се искачи на 32.