Што по препораките на Венецијанската комисија за законот за јазици?
Foto

Што по препораките на Венецијанската комисија за законот за јазици?

Власта купува време од Венецијанската комисија за да ги разгледа забелешките за законот за јазици, пред официјално да бидат усвоени. Премиерот Заев ја потврди информацијата на Тв24 дека Владата побарала одложување на заклучоците и повеќе време за консултации, за како што рече, да видат што се препорачува, но и дали државата со тоа може да се носи. Сепак, министерката за правда е децидна дека сите препораки ќе бидат имплементирани.

„Со самото тоа што сите сме се согласите да испратиме цел закон, плус неусвоениот член до Венецијанската комисија, сме прифателите дека препораките сме ги зеле серозно, ќе ги разгледаме и имплементираме.“ - изјави Рената Дескоска.

Но, владејачката ДУИ останува на тврд став дека законот е добар и не треба да се менува, потенцирајќи дека секое враќање назад ќе донесе нови преговори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, бара сите забелешки да се преточат во амандмани. Лидерот Христијан Мицкоски во синоќешното гостување на Телевизија24 законот го опиша како насилие на правото и потсети дека предупредиле дека ќе трпи измени.

„Никој од нас не беше ниту тогаш ниту сега не беше против законот за јазици но тоа да биде согласно законите и уставот, тоа го збпрувавме и тогаш и предупредувавме дека кога ќе дојде денот да се произнесе Венецијанската комисија ќе има реперкусии." - изјави Мицкоски.

Венецијанската комисија според првичните заклучоци бара ревидирање на законот, оценувајќи го како неспроведлив. За дел од домашната експертска јавност забелешките се очекувани, а за нив алармирале одамна - дека законот излегува од рамките на Уставот и со него вештачки се наметнува двојазичност. 

„Ниту Македонците учат албански ниту, Албанците учат македонски и се доведуваме практично во една ситуација кога јазикот како општ поим како средство за комуникација паѓа во апсурдот на своето постоење затоа што во ваква ситуација кога зборуваме паралелно различни јазици, секој си го зборува својот јазик, ние практично немаме средство меѓусебно за комуникација“. - вели професорката на Институтот за македонски јазик Елка Јачева Улчар.

Познавачите се скептици дека забелешките на Комисијата ќе се почитуваат, бидејќи велат секогаш посилни се политичките интереси. За законот за јазици кој беше ултиматум на ДУИ за состав на влада со СДСМ, до уставниот суд се поднесени околу 15 преставки дека е неуставен, но досега, судот се нема произнесено за ниту една.

0 Коментари

Остави коментари