Шпанската Влада побара од Парламентот по итна постапка да го ратификува Протоколот за НАТО
Foto

Шпанската Влада побара од Парламентот по итна постапка да го ратификува Протоколот за НАТО

За десет месеци Протоколот за пристапување во НАТО го ратификуваа 28 од вкупно 29 членки, а приемот на Северна Македонија како 30. членка на НАТО е извесно, влезот е само формалност, бидејќи одлуката и согласноста од 29 земји-членки е веќе дадена.

Од наша страна, пак Предлог-законот за ратификација веќе е во собраниска процедура. Владата кон крајот на минатиот месец се одлучи за предвремена ратификација кај нас, со цел да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април, а Парламентот се распушта на 11 февруари.

Владата на Шпанија вчера го одобри и го достави на усвојување во Паралментот протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

Владата  на премиерот Педро Санчез побара од Парламентот протоколот да биде ратификуван по итна постапка имајќи предвид дека Шпанија е последна од 29-те членки на НАТО што тоа го нема направено, пренесува шпанската новинска агенција ЕФЕ.

– Неопходно е ратификацијата да биде по итна постапка со цел да не се одложуваат заложбите на Шпанија како сојузник во НАТО за прием на Северна Македонија во Алијансата, се вели во образложението на шпанската Влада.

Владата во Мадрид во јули лани достави до Парламентот барање за ратификација на протоколот, но поради распишувањето на предвремените парламентарни избори на 10 ноември постапката беше прекината.

Лидерот на социјалистите Санчез на почетокот на месецов доби поддршка од Парламентот за да формира коалициска влада, со што се стави крај на речиси едногодишната политичка криза во четвртата по големина економија во еврозоната.

 

0 Коментари

Остави коментари