Шар планина се гуши во смет
Foto

Шар планина се гуши во смет

Бујна вегетација, зеленило и пространи површини распослани со раскошно ѓубре - Попова Шапка изобилува и со овој проблем, а може да понуди одржлив економски развој и еко туризам. 

Овој дел потсетува дека посетителите откако завршиле со своите излети и релаксации заборавиле да си го соберат ѓубрето, а надлежните дополнително со неработењето допринеле за ваквата слика на терен. Контејнери речиси и да нема, од кантите извира вулгарниот третман на граѓаните и институциите кон просторот кој што треба да биде чуван како „бели дробови“ за здрав и хуман живот. 

Ваквата постапка ја одразува граѓанската свест, но и инстутуционална свест за грижата кон животната средина. Оваа на повидок депонија која се создава не би се случила доколку постојат строги санкции за да се зачуваат еколошки, социјални и културни вредности како на  Шар Планина, така и на Попова Шапка.

Видикот од Попова Шапка е отворен кон соседните планини Јакупица и Солунска Глава, а во подножјето се наоѓа Полошката Котлина. Но тука, ова место  е збогатено со куп ѓубре. Граѓанските здруженија велат дека овој проблем се провлекува низ годините. 

„Еколошка катастрофа се случува горе. После, и по завршувањето на зимската сезона секогаш се знае во сите ски центри во цел свет остануваат такви остатоци, бидејќи снегот, ветерот носи се и сешто и сега треба нормално да се чисти, да се преработи целата таа површина. Но, институциите, Јавното комунално претпријатие, ЕЛЕМ турс кој што управува со нив немаат такви активности, немаат таков интерес тоа да го направат.“ - вели Хамид Сулејмани од иницијативата „Спас за Попова Шапка“

Од ски-центарот „Елем Турс“ кои имаат визија да бидат регионални лидери во туризмот, велат проблемот е во негрижата на Јавното комунално претпријатие. Чекаат снегот да се стопи за да организираат еко-акција за чистење на ѓубрето. 

„Во почеста комуникација сум со одговорните на Јавното комунално претпријатие и нон стоп апелирам дека ѓубрето треба да се дига и да се транспортира од ски-центарот што почесто затоа што колку останува подолго толку повеќе доаѓа до ширење и растурање по ски центарот.“ - вели Живе Алексовски, извршен директор на ЕЛЕМ Турс. 

Од Јавното комунално претпријатие се обидовме да добиеме официјален став, но не беа расположени за истото. Но, од општина Тетово велат дека проблемот со ѓубрето е  и кај граѓаните и кај Јавното комунално претпријатие. За решавање на проблемот најавуваат нова механизација  и контејнери.

„Располагаме со оној капацитет којшто во моментов располагаме, и се трудиме што е можно почесто да го собираме сметото на Попова Шапка но сепак тука треба да ни помогнат малку и граѓаните да внимаваат, секогаш нели нашите капацитети ги ставаме на располагање по завршување на викендите коишто веднаш се упатуваат на чистење на овој дел на Попова Шапка, но пак ќе кажам дека се надевам дека сега со новата механизација сето тоа ќе биде почисто, посредено, и да ја имаме Шапка онаква каква што всушност ја заслужуваат  граѓаните.“ - вели Снежана Новаковска портпаролка на Општина Тетово. 

И, додека сите се свесни дека Шар Планина има исклучителни вредности, Попова Шапка дека е од особено значење за а економскиот развој на државата, на терен останува да сведочи бетонизацијата. Ѓубрето го оставивме со надеж дека до нашата следна посета истото ќе биде исчистено а природата ќе се ослободи од новонастанатата депонија.

0 Коментари

Остави коментари