“Се затегнува монетарната политика“ - основната камата на НБРМ зголемена за 0,25%

За нови 0,25 проценти поени скокна каматната стапка, по априлското и мајското зголемување таа сега е на ниво од 1,75 проценти. По двоцифрената инфлација, што во април досигна годишна стапка од 10,5 проценти, Централната банка ја стега монетарната политика.

Зголемувањето на основата камата на благајничките записи што ќе влијае врз поскапување на кредитите - од банката велат е реакција која била неоходна и покрај надолните ризици за економски раст и домашната побарувачка.  

„Одлуката се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка.“ - вцелат од НБМ.

За речиси еден месец – ова е втора корекција. 

„Во услови кога НБРМ ја зголемува основната камата, и ние како банки мораме да ги следиме сигналите. Со постоечката регулатива обврзани сме да правиме корекција, во случајов растат  каматите за кредитите, но ќе растат и каматите за депозитите.“ - коментираат дел од банкарите за ТВ24. 

За дел од економистите ваквата реакција на Централаната банка, во време на висока инфлаицја е очекувана. 

„Станува збор за сосема логичка, разумна и оправдана одлука, со која се користат инструментите за зауздување на инфалцијата. Сосема оправдана мерка од монетарен аспект која ќе предизивка поскапување на цената на парите, а со тоа ќе влијае позитивно на стабилизирање, односно, намалување на инфлацијониот притисок.“ - вели Зоран Ивановски – универзитетски професор.

Реакцијата на Нардона банка е оправдана и за универзитетскиот професор, Борче Тренковски, кој воедно повика на внимателност на фискалната политика. 

„Владата да биде особено внимателна на природата на трошењата кои планира да ги направи - повеќе да рационализира, штеди, и ако создаде простор само неопходно да троши – да не влезе во дарежливи високи зголемувања на тековните трошоци – стоки, услуги, договорни услуги, плати, пензии.“ - вели Борче Тренковски универзитетски професор,

Од Влада уверуваат ситуацијата се следи, доколку има потреба ќе се интервенира, но засега се без конкретни мерки за ублажување на инфлацијата. 

„Инфлацијата кај нас е под влијание на светските трендови, но Владата ќе одговори на начин, како што се справуваше и досега. Имавме неколку пакет мерки и одлуки кои дадода резултати.“ - вели Мухамед Хоџа портпарол на Влада.

Опозицијата и денеска обвинува сиромаштијата е се поголема, двоцифрената инфлација се должи на неспособноста на власта. 

„Имаме двоцифрена инфлација од една страна, а од друга ново задолжување со кое секое новородено дете ќе го задолжат со 500 дополнителни евра. Јавниот долг стига до 62, 63 проценти, што е многу загрижувачко.“ - изјави Владо Мисајловски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

 Девизните резерви се во сигурна зона, девизниот пазар стабилен. Според надлежните ефектите од пандемијата сѐ уште постојат, а ситуацијата дополнително е влошена поради воениот конфилкт во Украина кој доведе до нарушувања во синџирите на снабдување и се понагласена енергетска криза.