Се снима документарен филм за актерската легенда Анче Џамбазова
Foto

Се снима документарен филм за актерската легенда Анче Џамбазова

Значајни и интересни детали поврзани со животот и кариерата на легендарната македонската театарска и филмска актерка Анче Џамбазова, ќе и бидат пренесени на јавноста преку филмското платно.

Во продукција на Театар Комедија, во тек се финалните снимања и подготовка на документарниот филм, посветен на актерката која секогаш ќе ја помниме по улогите во „Мирно Лето“, „Македонските народни приказни“ како и претставите на сцената на Македонсиот народен театар.

Анче Џамбазова, ќерка на едно од најзвучните македонски актерски имиња Петре Прличко, беше родена во 1942 година, а почина на 30 септември 1997 по борбата со ракот на белите дробови.

Документарниот филм се снима под режисерската палка на Миле Гроздановски, сценарио на Гоце Трајковски, со согласност и учество на членовите од нејзиното семејство, сопругот Александар и синот Игор Џамбазови. Нејзините најблиски како и пријателите и соработниците во филмот, се сеќаваат и споделуваат спомени поврзани со начинот на кој што таа функционирала професионално – на сцената, како и детали од приватниот живот.

Премиерата на филмот ќе се случи на 9ти септември, на затворањето на театарскиот фестивал под отворено небо „Гола Месечина“. Годинава ќе се одржи неговото шесто издание во населбата Ново Лисиче, а како и до сега влезот за публиката е бесплатен.

0 Коментари

Остави коментари