Се повеќе земји потврдуваат дека ќе го потпишат протоколот со НАТО
Foto

Се повеќе земји потврдуваат дека ќе го потпишат протоколот со НАТО

Британската влада дала зелено светло нејзиниот амбасадор во НАТО да го потпише пристапниот протокол за алијансата, кажаа од амбасадата на денешниот брифинг за новинарите. Со соопштение денеска се огласи и германската влада од каде велат дека и тие го одобриле потпишувањето за протоколот за Македонија и се додава дека е тоа важен импулс за натамошна стабилизација на Западниот Балкан.

„Насоките за приклучување на Северна Македонија во НАТО се поставени. Во февруари 2019 година земјите членки би требало да го потпишат Протоколот за приклучување“.

Вчера и бугарската влада соопшти дека ќе биде меѓу првите земји кои ќе го потпишат пристапниот протокол за Северна Македонија во НАТО. Генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг на заедничката конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис по состанокот на европските министри за одбрана во Букурешт изјави дека протоколот за пристап на Македонија ќе биде потпишан наскоро.

„Очекувам сите 29 сојузници да го потпишат протоколот за пристапување, по што Скопје ќе учествува на два состаноци на НАТО како гостин. Откако сите 29 сојузници ќе го ратификуваат протоколот, ќе ја поздравиме Република Северна Македонија како 30-ти член на НАТО“.- изјави Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Пред три дена дадена е декларативна согласност од сите земји-членки на Алијансата за потпишување на овој протокол, но секоја земја членка треба да даде и формално одобрување за потпис на нивните амбасадори во седиштето на НАТО. По потпишувањето на протоколот ќе тече процесот на ратификација на членството на нашата земја од страна на 29-те парламенти на државите-членки, а Грција треба да биде првата земја членка која ќе го ратификува членството на Македонија во НАТО, најверојатно на крајот на следната недела.

0 Коментари

Остави коментари