Се чека потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО
Foto

Се чека потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО

По бугарската и Владата во Берлин даде согласност за прием на Македонија во НАТО и ќе се залага процесот да биде завршен брзо.

Приклучувањето на Македонија во НАТО е „важно за безбедноста во евроатлантскиот простор“, се вели во соопштението на германската Влада и се додава дека е тоа „важен импулс за натамошна стабилизација на западниот Балкан“.

„Насокоите за приклучување на Република Северна Македонија во НАТО се поставени. во февруари 2019 година земјите членки би требало да го потпишат протоколот за приклучување“ - соопштија од Владата на Германија.

Потпишувањето на пристапниот протокол со кој и официјално почнува процедурата за прием на Македонија во НАТО се очекува да се случи деновиве. Штом биде потпишан протоколот Македонија ќе може да учествува како земја набљудувач во сите клучни формати на Алијансата, но без право на глас. Пред три дена дадена е декларативна согласност од сите земји-членки на НАТО за потпишување на овој протокол, но секоја земја членка треба да даде и формално одобрување за потпис на своите амбасадори во седиштето на НАТО.

По потпишувањето на протоколот ќе тече процесот на ратификација на членството на нашата земја од страна на 29-те парламенти на државите-членки. Грција треба да биде првата земја членка на Алијансата што ќе го ратификува членството на Македонија во НАТО, откако на 25 јануари го ратификуваше Преспанскиот договор. Во меѓувреме се подготвува менувањето на таблите со новото име на државата.

Државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе имаат рок од седум дена по ратификацијата во Грција на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО да почнат со замена на таблите. Владата најави и формирање на интерресорска група која ќе почне со работа веднаш по ратификацијата на протоколот и која ќе треба да изработи национален акциски план за натамошните мерки и активности за извршување на обврските што произлегуваат од Договорот од Преспа.

Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик. Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.

0 Коментари

Остави коментари