СДСМ во вторник ги заокружува кандидатите за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ исто така неделава, Жика Стојановски најави самостоен настап
Foto

СДСМ во вторник ги заокружува кандидатите за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ исто така неделава, Жика Стојановски најави самостоен настап

СДСМ во вторник на Извршен одбор се очекува да ги официјализира и останатите канадидати за градоначалници, тврдат партиски извори. Жестоки внатрепартиски битки има за неколку големи општини, Куманово, скопски Центар, Прилеп, Битола, Велес, Струмица и уште неколку општини.  

Најжестока битка се води за Куманово, во игра е актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, а нему најсериозен ривал му е пратеникот Мартин Костовски кој, според информациите, ја има поддршката на дел од партиското раководство. Костовски, на својот Фејсбук профил објавува идеи и проекти за тоа како треба да изгледа Куманово. 

Сепак, актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, на сите партиски и други анкети има огромна предност пред сите негови противкандидати, но одлука за Куманово се уште нема и покрај тоа што лидерот на партијата Заев изјави дека анкетите ќе одлучуваат за тоа кој да биде кандидат. Димитриевски во неколку наврати покажа различен став од партискиот врв, како на пример за време на пандемијата, или во однос на спорот со Бугарија, партиски извори тврдат дека ваквите негови ставови, но и се поочигледните  внатрепартиските несогласувања на Димитриевски со министерот за внатрешни работи Спасовски,  се причината поради која Заев се уште нема донесено конечна одлука. Се очекува одлука и за општина Центар, таму 3 имиња конкурираат актуелниот Саша Богдановиќ, а во игра се и Горан Герасимовски и Маја Стефановиќ.  

За Карпош, речиси извесно е дека во трка ќе влезе директорот на Водовод и канализација Душко Весковски, откако Стефан Богоев, соопштил дека сака позиција во централната власт. Весковски денеска изјави дека раководството на партијата е тоа кое треба да одлучи. 

За Прилеп, СДСМ размисува меѓу Сугарески и актулениот Јовановски, за Велес, откако актуелниот Коцевски индиректно најави дека нема да се кандидира,  се споменува името на Ненад Коциќ. Битка за кандидатури има и за Аеродром, Златко Марин бара нов мандат, а меѓу кандидати се и Александар Филиповски, Ивана Цветковска, актуелна претседавачка на општината, а меѓу имињата се и Билјана Јовановска, актуелна директорка на ПИОМ. За Битола засега се во игра актуелната Наташа Петровска и познат бизнисмен. За Гевгелија најсериозен кандидат е актуелниот градоначалник Сашко Поцков, кој според партиски извори имал највисок рејтинг. 

И Опозициската ВМРО ДПМНЕ излезе со нови  имиња, но без кандидат за Скопје, иако за главниот град партијата според информациите одлучува меѓу Данела Арсовска, претседателка на сојуз на стопански комори, професорката Никица Мојсовска и Коце Трајановски. ВМРО-ДПМНЕ неодамна објави уште 19 кандидати за градоначалници за локалните избори на 17 октомври, а меѓу нив беше потврден Тони Михајловски за Куманово. За Ѓорче Петров беше потврден Александар Стојкоски, доктор радиолог и поранешен пратеник, додека за Охрид и официјално ќе се трка Кирил Пецаков, пратеник и специјалист по детска стоматологија..Претходно беа потврдени уште 20-тина кандидати, меѓу нив пратеникот Иван Јорданов, кој ќе трча во Штип, а беа објавени и Орце Георгиевски, за Кисела Вода, за Центар Наташа Котлар, за Кочани, Љупчо Папазов, за Петровец, Борче Митевски, за Илинден, Александар Георгиевски. 

А денеска своја кандидатура најави актуелниот градоначалник на Илинден, Жика Стојановски, кого ВМРО ДПМНЕ не го подржа. Но Стојановски денеска најави самостојна кандидатура.. 

Кај албанскиот политички блок, ДУИ  засега во Чаир, Струга и Сарај оди со актуелните имиња. Алијансата за Албанците и Алтернатива со старо-новите кандидати одат во  Гостивар, Дебар, и Чаир. Македонскиот и албанскиот опозициски блок најавија заеднички настап во дел од општините но не ги прецизираа деталите.

Дополнително, расте бројот на независни листи за претстојните локални избори. „Охрид пред се“ ја поднесе својата независна листа на кандидати за советници во Советот на општина Охрид. Велат, изминатиот период ги дефинирале програмските определби. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија досега се собрани потписите за четири независни советнички листи за локалните избори. Тоа се листата на кандидати за советници за Општина Центар, советничката листа за општина Кавадарци, советничката листа за општина Росоман и советничката листа за општина Кочани. Се собираат потписи за уште 22 независни кандидати за градоначалник и членови на советот, а рокот е до 30 август.

0 Коментари

Остави коментари