Сарказам за бугарското вето кон претседателот Пендаровски
Foto

Сарказам за бугарското вето кон претседателот Пендаровски

Бугарското вето е горчливо и спротивно на вредностите на Унијата. Вака премиерот Заев во интервју за Франс прес ја објаснува блокадата од Софија. Тој вели дека Македонија покажа колку верува во европските вредности и сега, кога Европа требаше да ги покаже своите европски вредности, тие не беа таму.  

- Блокадата на Бугарија за соништата на Северна Македонија е спротивна на вредностите на блокот и предизвика „многу горчина кај нас“. Секое прашање на македонскиот идентитет е „црвена линија“. Тоа е прашање на самоопределување кое е во срцето на европскиот проект. - изјави Заев.

Бугарски стрели и кон шефот на државата. Нивото продолжува да ви паѓа, му порача европратеникот Андреј Ковачев на Пендаровски. Во изјава за бугарските медиуми Ковачев кој себеси се опишува како еден од најголемите поддржувачи на евро-атлантските интеграции на Македонија, со доза на сарказм реагираше на изјавата на Пендаровски, дека денешната бугарска политика нема излезено од матрицата на Тодор Живков

- Браво за Пендаровски! Конечно разбравме што се случи: Христо Татарчев, Гоце Делчев, Дамјан Груев, браќата Миладинови, Григор Прличев и сите други преродбеници и револуционери се идентификуваа како Бугари затоа што ги следеа упатствата на Тодор Живков. На ист начин, царот Самоил и неговите синови се пишале како ‘бугарското семејство“ под притисок на овој ‘патник низ времето’. Нивото паѓа ли паѓа. - изјави Андреј Ковачев европратеник Бугарија.

Претседателот Пендаровски вчера во интервју за Трилинг изјави дека не очекува во следните недели да се постигне договор со Бугарија за да има датум за преговори во декември. 

- Основоположник на тие позиции дека непостои македонски народ и јазик е Тодор Живков. Бугарската денешна политика нема излезено од матрицата на живковизмот и од матрицата на нивната комунистичка историја. Не можам да видам дека во 2020 е нешто е различно во нивните тези од Тодор Живков. - изјави Пендаровски.

Македонско-бугарскиот спор деновиве зема место и на светската медиумска сцена. Угледниот весник Фајненшл тајмс објави писмо на Македонец кој живее во Прага. На страниците на весникот може да се прочита дека европската иднина на Западен Балкан е важна за стабилноста на Европа, но жал, се чини дека вредностите и одлуките на Бугарија како земја-членка сѐ уште се под влијание на минатото од Советската ера.

0 Коментари

Остави коментари