Сѐ уште гори на Закинтос, пожарот нанесе штети на домови
Foto

Сѐ уште гори на Закинтос, пожарот нанесе штети на домови

Над 170 грчки пожарникари цела ноќ водеа битка со огнените јазици на островот Закинтос, а шумскиот пожар, речиси 24 часа подоцна, сѐ уште не е ставен под контрола.

Во пожарот што изби вчера околу 11 часот во јужниот дел на грчкиот остров Закинтос, материјална штета претрпеа неколку куќи, а две села и еден хотел беа превентивно евакуирани.

-Вчера беше многу опасна ситуацијата. Фронтот и понатаму е голем, над 10 километри, но во текот на ноќта имавме промена на правецот и сега ситуацијата е побезбедна, вели градоначалникот на Закинтос, Никитас Аретакис за грчкото радио „Тема“ и додава дека неколку домови претрпеа штета, а горат илјадници хектари шума.

Доцна синоќа на островот пристигнаа пожарникари од Солун, но и генералниот секретар за цивилна заштита, Никос Хараљас. Во справувањето со огнените јазици учествуваат 171 пожарникар со 52 возила, две специјални пожарникарски единици, девет пешадиски единици, два авиони и четири хеликоптери, а помагаат и 13 цистерни од општината.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, на плоштадот во едно од селата во близина на пожарот, кое што беше евакуирано вчера, се наоѓа координативниот центар, а генералниот секретар за цивилна заштита ги координира активностите на пожарникарите и инволвираните во гаснењето на пожарот.

0 Коментари

Остави коментари