Русија со црн рекорд на починати од Ковид-19 - во последното деноноќие 1.028 починати
Foto

Русија со црн рекорд на починати од Ковид-19 - во последното деноноќие 1.028 починати

Во последните 24 часа во Русија од Ковид-19 починале 1.028 лица, што е за 1,18 проценти повеќе од претходниот ден и највисока бројка од почетокот епидемијата.

Во истиот период регистрирани се 34.073 нови случаи на инфекција, а вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата сега изнесува 8.094.825.

Според податоците на руското Министерство за здравство на Русија, бројот на заразени лица е зголемен за речиси 23 проценти од почетокот на октомври.

Вицепремиерката Татјана Голикова вчера му предложи на рускиот претседател Владимир Путин на територијата на земјата од 30 октомври до 7 ноември да бидат неработни денови.

Путин денеска ќе разговара со членовите на Владата за заострување на мерките, особено во Москва, каде што ситуацијата е најкритична.

Во рускиот главен град од вчера во сила се нови ограничувања. Работодавачите ќе треба да испратат 30 проценти од вработените да работат од дома, а на старите лица и лицата со хронични заболувања им се препорачува да се изолираат.

Претходно Кремљ ги повика Русите да бидат „поодговорни“ и да се вакцинираат против Ковид-19 во услови на широка недоверба во вакцините и ограничени анти-ковид мерки.

– Ние сме навикнати да ја обвинуваме државата за се. Но, во исто време, однесувањето на граѓаните на земјата мора да биде поодговорно, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Само 35 проценти од Русите досега се целосно вакцинирани, и покрај апелите од властите за имунизација.

0 Коментари

Остави коментари