Романот „Птиците умираат пеејќи“ објавен на македонски јазик
Foto

Романот „Птиците умираат пеејќи“ објавен на македонски јазик

Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик е објавен светскиот бестселер „Птиците умираат пеејќи“ од познатата австралиска писателка Колин Мекалоу.

Во бестселерот станува збор за Меги – ќерка на сиромашни доселеници од Австралија. Уште од мала, таа е запоставена од нејзините родители и постојано живее по религиозните и патријархални правила на нејзината фамилија и стегите што ги наметнува гратчето и огромниот имот Дрогхед.

-Ралф е млад, убав и речиси совршен свештеник, што назначувањето во Австралија во почетокот го доживува како казна. Имено, неговите силни свештенички амбиции се насочени на друга страна, кон мистичниот Ватикан. Уште од првиот момент кога ќе ја запознае десетгодишната Меги, таа му станува многу мила и постојано е нејзин заштитник. По неколку години, една вечер, кога погледите ќе им се сретнат, сега веќе преубавата тинејџерка Меги, ќе пробуди чувства кај Ралф, чувства какви што тој никогаш немал, а и не ни знаел дека ги има. Од тој момент, Ралф е во вечно искушение дали тој е совршен свештеник и има неограничена љубов кон Бога, или сепак постои жена, на чиј мирис, убавина и нежност не може да им одолее, се наведува во соопштението на „Бата прес“.

Дејствието и љубовната сага во романот, што се одвива во Австралија, Нов Зеланд, Ватикан, Лондон, Берлин… опфаќа повеќе од половина век – двете светски војни, а говори и за односот на официјален Ватикан кон фашизмот и Хитлер. Тука се преплетуваат судбините на неколку генерации. Оваа љубовна и семејна сага сведочи и за сушите, пожарите и поплавите кои се заканувале со целосно уништување на имотите во Нов Зеланд.

Инаку, според овој љубовен историски роман за кој критичарите оценуваат дека е „рамо до рамо“ со „Војна и мир“ од Толстој и „Одвеано од виорот“ од Маргарет Мичел, снимена е и истоимена телевизиска серија.

0 Коментари

Остави коментари