Регулаторна: Не очекуваме трговците со нафта и нафтени деривати да предизвикаат ценовен шок
Foto

Регулаторна: Не очекуваме трговците со нафта и нафтени деривати да предизвикаат ценовен шок

Трговците од ноќеска на полноќ сами ќе можат да ги определат малопродажните цени на нафтата и нафтените деривата кои ги продаваат на нивните бензински пумпи, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски ги повикува да не предизвикуваат ценовен шок за граѓаните.

Според него, доколку се следат движењата на светската берза на нафтата од ноќеска на полноќ треба да има благо намалување на цената на бензините и иста цена или благо зголемување на цената на дизел горивата. Така ќе беше и доколку се користеше старата методологија по која РКЕ досега ги определуваше малопродажните цени.

-Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат од утре ценовен шок. Доколку  го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе во предвид, но од мојата  комуникација со  поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат  цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Привремената либерализација на пазарот и можноста трговците сами да ги определуваат цените на нафтените деривати настана поради правниот вакуум предизвикан со не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател Ѓорге Иванов заради што не можеше навреме да биде донесена новата методологија по која РКЕ треба да ги определува цените. Потребата за донесување нова методологија е заради истекувањето на важноста на Анексот „Д“ што произлегува од Договорот за купопродажба на ОКТА на 8 мај годинава, според кој беше и определена и постојната методологија за определување на малопродажните цени на нафтените деривати.

-Во завршна фаза сме на донесувањето на новата методологија. Неопходно е да се донесат измените на Законот за енергетика кои се во собраниска процедура и веднаш по нивното носење ќе одржиме подготвителна и главна седница на која ќе ја усвоиме новата методологија. Доколку работите одат според предвидениот план очекува цените по новата методологија да бидат определени веќе од следниот понеделник, рече Бислимоски.

Тој посочи дека РКЕ по донесувањето на новата методологија секој понеделник ќе ги определува цените на нафтените деривати, наместо секој втор понеделник како и досега.

Очекува цените на нафтените деривати со носењето на новата методологија да останат на приближно исто ниво како и досега.

-РКЕ ги штитела, ги штити и во иднина ќе продолжи да ги штити правата на потрошувачите. Со новата методологија ќе им определи маржа на трговците која ќе им овозможи да работата со разумен профит, но таа ќе биде многу помала од маржата од 11,5 отсто што беше определена за универзалниот снабдувач со електрична енергија, рече Бислимовски.

РКЕ на денешната подготвителна седница ги разгледа правилата за пазар на природен гас. Со нивното носење РКЕ ќе ја комплетира обврската што и произлегуваше од новиот Закон за енергетика да ги донесе сите потребни подзаконски акти.

Во петокот РКЕ донесе и нова ценовна регулатива во делот за електрична енергија која во основа е иста како и досегашната, бидејќи како што вели Бислимоски, пазарот на електрична енергија нормално функционираше и досега. 

0 Коментари

Остави коментари