Речиси две третини од 11.106 ковид активни случаи се во Скопје, Тетово и Гостивар
Foto

Речиси две третини од 11.106 ковид активни случаи се во Скопје, Тетово и Гостивар

Скопје и Тетово се со најголем број новозаразени од Ковид – 19, но кривата која минатите недели беше во раст веќе се исправа, а паралелно се зголемува бројот на оздравени и вакцинирани граѓани.

Последните дневни податоци регистрираа 882 нови случаи на КОВИД-19, од вкупно направени 6.591 тестирање, а починати се 14 лица кои се на возраст од 49 до 84 години.

Од почетокот на епидемијата, во земјава се дијагностицирани 168.872 ковид-позитивни, оздравени се 152.098, а починаа 5.668 лица. Бројот на активни случаи изнесува 11.106, од кои речиси две третини се во три града – Скопје 3.693, Тетово 1855 и Гостивар 1513. Според статистиката на МЗ, во моментов нема град во земјава без активни случаи на КОВИД-19.

Денеска продолжува вакцинацијата во здравствените домови. Министерот за здравство Венко Филипче викендот најави дека поради зголемениот интерес за вакцинирање, од среда или четврток оваа недела повторно ќе биде отворен пунктот во спортскиот центар „Борис Трајковски“, но во малата сала.

Според него, процесот на имунизација се одвива добро на сите пунктови и досега има над 650 илјади граѓани кои примиле барем една доза вакцина, а бројот на ревакцинирани достигна половина милион.
 

-Повторно ќе се отвори  „Борис Трајковски“, за што дел од вработените од Здравствен дом кои беа на годишни одмори ги прекинаа за да ја стават во функција. Тоа ќе биде малата сала, не големата, и ќе има 20-ина места каде што ќе може да се спроведе вакцинација. Верувам дека тоа ќе ги растовари метежите и редиците што ги имаме пред здравствените домови,  изјави Филипче.

Апелираше граѓаните да се вакцинираат, има од сите типови и во доволно количини, посочувајќи дека нема наплив во болниците во градовите каде  што е висок процентот и интересот за вакцинирање.

0 Коментари

Остави коментари