Ребалансот ги скара партиите
Foto

Ребалансот ги скара партиите

Кризниот ребаланс што го усвои Владата предизвика бурни реакции кај политичките опоненти. За власта ребалансот на Буџетот има една јасна цел – рестартирање и опоравување на македонската економија. За опозицијата, пак, тој е предизборен поткуп на граѓаните. 

Буџетот се зголемува за околу 53 милиони евра и се позиционира на 3,95 милијарди евра. Со овие пари власта најавува излез од кризата.

Преку вчерашниот ребаланс, со дополнителни 3 милијарди денари на КОВИД програмата, Владата предводена од СДСМ, креира мерки за стимулација на приватната потрошувачка со цел поддршка на македонската економија но и македонските производи и услуги .

Овој ребаланс со дополнителни 600 милиони денари за Министерството за економија овозможува и поголема поддршка на македонскиот туризам. За социјална заштита поврзана со ефектите од КОВИД-19 се распоредуваат 350 милиони денари, а исто толку и за Фондот за здравство. 

Ребалансот на буџетот кој го донесе СДСМ единствено  ќе служи за предизборна корупција и поткуп, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според нив СДСМ нема стратегија и визија за водење на економијата, а ребалансот доаѓа со задоцнување од најмалку месец и половина. 

„Состојбата во економијата е повеќе од алармантна. Во првите 4 месеци имаме дефицит од цели 200 милиони евра, и во ваква една ситуација се прави ребаланс кој е наменет за предизборна корупција, а не за помош и развој на економијата. И ова доаѓа во ситуација кога на државата и граѓаните не им треба еднократна помош и поткуп, туку на сите нас ни треба стратегија како оддржливо решение со ќе се извлечеме од здравствената и економска криза“ - вели Гордана Димитриеска Кочоска, дополнителен заменик министер за финансии од ВМРО-ДПМНЕ.

Заменик министерката за финансии, Ширете Елези, тврди дека се обезбедени 500 милиони евра за поддршка на економијата.

„Обезбедивме финансиски средства за над 200 илјади вработени, 30 илјади микро, мали и средни компании, вклучувајќи индивидуални занаетчии. Помош од 7 илјади денари од 15 до 20 000 невработени, 120 илјади граѓани со ниски приходи, 100 илјади студенти и ученици, 50 илјади земјоделци, медицински персонал во заразни одделенија за над 3100, како и за спортистите и уметниците и за над 320 илјади пензионери“ - рече Елези.

Со ребалансот се планираат приходи од 3,2 милијарди евра, или околу 400 милиони евра помалку од основната верзија на Буџетот. Со ребалансот е предвидено буџетскиот дефицит да биде 6,8 проценти од бруто-домашниот производ или дупката да се зголеми на 750 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари