Различни ставови како да почне наставата
Foto

Различни ставови како да почне наставата

Како ќе се одвива наставата од 1 септември, според најавите, требаше да биде познато на 10 август, но во изминатите два дена и на помалку од три недели до почетокот на 2020/2021 нема одлука и не се соопштуваат протоколите што ги утврдуваат Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството за образование и наука.

Завчера тие го одложија состанокот за вчера наутро, а вчера состанок не се одржа. Владата  попладнето соопшти дека на седница ја усвоила Информацијата на МОН со План за одржување на наставата, со заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести и потоа, врз основа на мислење на Комисијата, ќе биде донесена и одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и во средните училишта.

А ставот на Комисијата во изјава го кажа министерот за здравство Венко Филипче – поради неизвесноста со состојбата со КОВИД-19 наесен и можните ризици од ширење на заразата, наставата да биде онлајн, освен за најмалите ученици.

– Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата. Стравувавме во оваа ситуација, на есен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, како и сите земји во Европа, дека ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија, изјави Филипче, додавајќи дека треба да се имаат предвид ризиците за време на транспортот од и до училиштата, комуникацијата на децата за време на одморите, на влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, во петокот презентираше резултати од истражување на МОН и УНИЦЕФ за искуствата од март-јуни 2020  и за мислења како да продолжи наставата, според кои мнозинството директори на училишта, наставници и родители се за отворање на училиштата и за настава со физичко присуство или комбинирано со периодични ротации на учениците. Адеми посочи дека конвенционалната настава во училница е незаменлива и дека и во најразвиени земји кои, како што рече, имаат беспрекорни технички услови за е-настава, не ја организираат целосно.

-Преовладува позитивно мислење во Координативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Не прејудицираме, се разгледуваат сите можни опции, ги имаме протоколите за сите модели на настава кои се подготвуваат низ инклузивен пристап со консултација на сите засегнати страни за да имаме издржани решенија, рече Адеми во петокот.

Пред месец и пол МОН објави нацрт-концепт за националната платформа, отворен за сугестии и предлози, со укажување дека целта е да се создаде системско решавање на учењето од далечина – не само во услови на пандемија, туку како нов, дополнителен, алтернативен или паралелен систем на образование.

0 Коментари

Остави коментари