Расте бројот на деца во Куманово кои имаат потреба од логопед, поради доцнење на вербална комуникација
Foto

Расте бројот на деца во Куманово кои имаат потреба од логопед, поради доцнење на вербална комуникација

Бројот на децата со проблеми во вербалната комуникација во Куманово, се повеќе се зголемува, а со тоа и потребата од логопед, појаснува Ана Орозовиќ Алексиќ, логопед вработен во ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух говор и глас-Скопје, која во последните десет месеци работи во дисперзирана амбуланта во Здравствен дом Куманово.

Секојдневно се среќава со дечиња на кои омилени играчки им се таблети и телефони. Модерната технологија се повеќе е присутна во секој дом, меѓутоа многу лошо може да влијае врз развојот на детето. Сѐ повеќе деца не седнуваат да јадат додека покрај храната не се сервира и телефонот, заспиваат со цртани филмови, наместо со сказни, не остваруваат комуникација ниту со другарчињата, не ги играат забавните игри, не читаат, не бојат, комуникацијата со родителите ја сведуваат на минимално ниво…Телефоните, таблетите се јавуваат како голем фактор за доцнење на вербалната комуникација.

– Краткотрајно внимание, прозборувањето првин на странски јазик и неразбирливоста на мајчиниот јазик се последица од оваа појава. Детето уште од кога ќе се роди треба да го слуша мајчиниот јазик. Треба да ја прима говорната порака граматички точно и со него да се зборува исто како со возрасен човек, бидејќи мозокот во првите три години од животот на детето се развива најмногу и затоа е потребна правилна говорна стимулација. Говорните вештини, развој на мисловни процеси, стекнување на социјалните вештини, емоционален развој, моторен развој исто така се развиваат најмногу во првите три години и за нивното развивање е потребна правилна говорна стимулација. Голема грешка е што додека родителите го поминуваат своето слободно време на нивните телефони, несвесно им даваат лош пример на децата како не треба, а со тоа им создаваат голема зависност, појаснува Орозовиќ Алексиќ.

Оние родители кои имаат потреба од логопед можат преку матичниот лекар да закажат преглед во Завод за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје преку „Мој термин“, таму дечињата ги прегледува цел тим составен од: логопед, дефектолог, оториноларинголог, аудиолог и психолог. Потоа, раководителот ги проследува пациентите што се за Куманово.

Логопедот работи секојдневно и се обидува да го надмине проблемот. Орозовиќ Алексиќ вели дека состојбата може да се надмине, иако влијание имаат и други фактори, и нагласува дека многу е битно дали причината за доцнењето на говорот е само таа, или има други пропратни причини.

– Третманот по кој ќе работиме ни го одредува соодветната дијагноза. Во секој случај работата со нашите пациенти може само позитивно да влијае врз говорниот развој на детето, вели кумановскиот логопед.

Таа им препорачува на родители да соработуваат со логопедите, да ги слушаат нивните совети, да вежбаат дома со децата да применуваат нови правила во нивниот дом, пред сè, да му дадат време на детето, да бидат многу упорни, истрајни и да веруваат во работата на стручните.

– Нашиот успех зависи од логопедскиот триаголник: ЛОГОПЕД – ДЕТЕ – РОДИТЕЛ. Логопедот го спроведува третманот, родителот го вежба детето дома, држејќи се до дадените упатства од страна на логопедот. Доколку еден од нив изостане, тогаш не можеме да очекуваме позитивен резултат, порачува Орозовиќ Алексиќ.

0 Коментари

Остави коментари