Распределени 11 милиони евра за проекти од културата
Foto

Распределени 11 милиони евра за проекти од културата

Разочарана сум што се бараат нереално големи суми и што исти лица си конкурираат сами на себе, рече министерката за култура Стефоска претставувајќи ја годишната програма за култура вредна 11 милиони евра.

За проектите од национален интерес, исти луѓе аплицирале на повеќе проекти, еднаш како автори, другпат како уредници, консултанти, членови на жири-комисии. Апликантите се обиделе да го надмудрат системот и да земат од колачот државни пари, за кои годинава се пријавиле рекордни 6 300 проекти.

„Би сакала да ја истакнам ‘вештината’ на дел од корисниците кои од различни причини, понекогаш легитимни, понекогаш не, се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот. Па така, на разни начини се протнуваат низ ‘дупките’ во системот. На пример, еднаш се појавуваат како автори, другпат како уредници, третпат како консултанти, четврти пат како учесници на манифестација, петти пат како членови на жири-комисии, шести пат во групен проект. Едноставно кажано, исти лица си конкурираат сами на себе. И така, конкурсот ја изгубил смислата за натпревар. Неретки се и оние што аплицираат и со копипејст проекти, односно проекти кои во изминатите години веќе биле поддржани“.  - изјави Ирена Стефоска, министерка за култура.

Финансиските истраги за ланските проекти се во тек. Финансикската полиција ги чешла сите исплати од Министерството за култура во последните пет години, поради сомнеж за малверзации. Министерката ги замоли уметниците за трпение. Додека истрагата не заврши целосно, тие нема да ги добијат парите. 

Министерството за култура минатиот месец раскина авторски договори вредни повеќе од еден милион евра. Биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти. Поради ваквите наоди, под мраз се ставени сите исплати на проекти од национален интерес.

0 Коментари

Остави коментари