Рашковски од Мексико за тв 24: Цените на хотелите не биле никогаш поевтини
Foto

Рашковски од Мексико за тв 24: Цените на хотелите не биле никогаш поевтини

Цените на хотелите во Мексико никогаш не биле поевтини. Ова не е најава од туристичка агенција, ова за ТВ24 го тврди секретарот во премиерскиот кабинет Драги Рашковски.

Во одговорот кој Рашковски ни го испрати од земјата на сомбрерата пишува дека отишол таму на одмор со семејството бидејќи е многу евтино. Тајмингот за одмор му бил случајно избран, месеци претходно. 

- Одморот ми е планиран пред неколку месеци. Така да искрено не можам да знам однапред што ќе се случува на политичката сцена неколку месеци подоцна. А во однос на тоа зошто Мексико: затоа што цените на хотелите не биле никогаш поевтини. Проверете на Booking. За 14 дена имате хотели со 4 ѕвезди за 350 евра. - изјави Рашковски.

Додека владиниот секретар одмара во Мексико, институциите и премиерот се во дилема, кој прв ќе ги засука ракавите и ќе почне да постапува за аферата за софтверот. 

Но, правосудните институции си ја префрлаат топката. Предмет за софтверот за сообраќајни прекршоци кој 8 месеци откако е набавен нема каде да се користи, нема во обвинителството. Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска ги чека полициите први да го направат првиот чекор. 

-Доколку МВР и Финансиската полиција не постапат согласно нивните надлежности, Обвинителството ќе постапи согласно Законот за кривична постапка, односно Јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање кривично дело и за гонење на неговиот сторител. - велат од ОЈО-ГОКК.

Во меѓувреме, опозицијата му ги прави пресметките на Рашковски, колку ќе го чини одморот во Мексико. Клучниот проблем е што отишол на одмор во прекуокеанската земја, среде пандемија. Забележуваат и зошто вицепремиерот Љупчо Николовски заминал во Дубаи.

- Владата која што бараше воведување на кризна состојба се гледа дека криза има само за народот, а нема  криза за владините функционери кои што прават луксузни одмори кои што чинат по десетици илјади евра. Затоа сметам дека ваквото однесување на власта е понижувачко за луѓето кои што гласале и сметам дека треба да си понесат политичка и морална одговорност. - изјави Антонијо Милошоски.

Единствена институција која го разгледува случајот со Рашковски е Антикорупциска. Се анализираат зошто е купен софтвер кој не е во функцција.Во висина од 81 илјада евра, Рашковски набавил софтвер кој треба да лови сообраќајни прекршоци. Но, тоа не го побарала ниту МВР ниту било која друга институција и по осум месеци.

0 Коментари

Остави коментари