Путин: Русија како и Србија заинтересирана за безбеден Балкан
Foto

Путин: Русија како и Србија заинтересирана за безбеден Балкан

Москва е заинтересирана Балканот да остане стабилен и безбеден и се залага Белград и Приштина да постигнат заемно прифатливо решение согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, изјави рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград. Путин рече дека властите во Приштина презеле неколку чекори, како што е формирањето на Косовската армија, што, според него, претставува прекршување на резолуцијата.

„Русија ја дели загриженоста на српското раководство и народот, бидејќи таквите неодговорни чекори можат да го дестабилизираат Балканот".  изјави Путин.

Потенцирајќи дека не гледа на хоризонтот решение за договорот меѓу Белград и Приштина, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека за секоја одлука ќе се консултира со Путин.

„Србија е секогаш подготвена за дијалог и компромис, но не и да прифати понижување. Незаконските даноци на стоки од Србија воведени од страна на Приштина, како и формирањето на Армијата на Косово е спротивно на резолуцијата 1244". - изјави Вучиќ.

Двајцата претседатели разговарале и за економската соработка која е во нагорна линија, а Вучиќ рече дека се работи на изградбата на гасоводот турски тек низ Србија. Рускиот претседател му врачи Орден Александар Невски на српскиот претседател. Истовремено, претседателот на Русија доби необичен подарок од Вучиќ, кученце шарпланинец. За безбедноста на посетата на Путин беа ангажирани над 5000 полицајци и припадници на тајните служби, како и 50 припадници на руските безбедносни служби. Рускиот претседател на својот пат од Москва до Србија го следеа два воени авиона, а во српскиот воздушен простор за безбедноста се грижеа Српски авиони кои го следеа до белградскиот аеродром.

0 Коментари

Остави коментари