Пукотници во Зубин Поток, полицијата ја проби блокадата

Пукотници од огнено оружје се слушаат во Зубин Поток и неговата околина, по акцијата на специјалните единици на косовската полиција, Росу, во општините со мнозинско српско население во северно Косово, во која се упасени повеќе лица од српска националност, меѓу кои и припадници на полицијата на Косово.

Mеѓу уапсените во Зубин Поток е и тамошниот командир на полициската станица, по што околу 100 жители Срби излегоа на протест и со возила и камиони го блокираа магистралнот пат во правец на Митровица.

Меѓутоа, според последните информации од местото на настанот, косовските специјалци успеале да ја пробијат блокадата и го продолжиле патот кон јужниот дел на Митровица.

Косовската полиција соопшти дека утрово во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово спроведува акција за откривање на учесници во организиран криминал.

Станува збор за осомничени за кривични дела „шверц на стоки“, „злоупотреба на службена положба“, „давање поткуп“, „недозволена трговија“ и други.