ПРОТЕСТИ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО
Foto

ПРОТЕСТИ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЊЕТО

Густ чад и смрдеа ги гуши жителите од околината на скопски Ѓорче Петров. Неконтролираното фрлање отпад во депонијата во Ново село, ја направи темпирана бомба која се заканува со екоцид, алармираат граѓаните кои денеска излегоа на нов протест и побараа итни решенија.

„Кога ќе излезете на улица овде значи...да одитам до продавница јас се враќам како да сум бил на чадење. Значи неподносливо, неподносливо.” - Игор Антовски – локален жител.

Жителите обвинуваат дека камиони нелегално, а со дозвола од надлежните, секојдневно носат секаков вид отпад и го потпалуваат, па смрдеата се шири и низ општините во околината. Ѓубрето се влева и во коритото на реката Лепенец, од која Скопје црпи и питка вода, па стравуваат од зарази и епидемии.

„Не се носи само отпад од нашата општина oвде, од цел град се носи..Дали се во прашање пари го продаваат земјиштето или што е не знам ама огромни камиони по цел ден носат ѓубре, навечер пушти кибритот запалиго гумите и диши отров. Значи нема смисла, ние прв пат, втор пат, трет..нема да престанеме со протестот!“ - Богољуб Ѓурчиновски – локален жител.

Од општината Ѓорче Петров тврдат постојано вршат контроли, а во шест месеци изречени биле 18 казни за нелегално депонирање отпад. Градоначалникот Александар Наумоски вината ја префрла на претходната власт, но и на дел од граѓаните кои немаат договори за одлагање на домаќинскиот отпад. Системското решение пак, вети скопскиот градоначалник Шилегов, а пари тврди ќе има во 2020 година. Сепак, без конкретен план и акција, за дел од активистите ветувањата се излишни.

Под итно во агендата и на пратениците, владата, градоначалниците децата да им бидат фокус да нема популизам во борбата за чист воздух туку да има заеднички консензуален став, бидејќи ако не го решиме проблемот не само што ќе се полни детската клиника во Козле, туку и многу граѓани веќе почнуваат да се иселуваат, а како една од главните причини ја наведуваат неможноста да живеат во загаден воздух и загадена животна средина.“ - Драги Змијанац – детска амбасада „Меѓаши“.

Депонијата во Ѓорче Петров ги мачи жителите повеќе од една деценија и е само уште еден фактор поради кој оваа општина неретко е лидер во аерозагадувањето.

0 Коментари

Остави коментари