Протест на жители на Аеродром поради сеча на дрва - од Град Скопје велат дека се проширува патот, ќе бидат засадени нови
Foto

Протест на жители на Аеродром поради сеча на дрва - од Град Скопје велат дека се проширува патот, ќе бидат засадени нови

Жителите на Аеродром денеска излегоа на протест поради најавената сеча на дрвја на улицата „Васко Карангелевски“ спроти воениот базен. Тие бараат да се спречи уништувањето на зеленилото во оваа општина и очекуваат реакција од надлежните институции. 

Најавената сеча на дрвја е поради проширување на улицата, а веќе е пристигната и потребната механизација за да се реализира сечата, но покрај во заштита на дрвјата стари и по неколку децении, аеродромци велат се на протест и поради тоа што според нив нема никаква потреба од проширување на оваа улица, на која велат живее попасивно население, во однос на останатиот дел од општината.  

Од општина Аеродром објаснуваат дека пробивањето на оваа улица не е во нивна надлежност, туку на Град Скопје, а оттаму велат дека по завршување на градежните работи ќе биде засаден дрворед по должина на целата улица.  

По пробивањето на улицата и нејзиното поврзување со булеварот „Трета македонска бригада“ ќе биде засаден дрворед од повеќегодишни високостеблести садници по должината на целата улица. Дополнително покрај тројното зголемување на дрворедот улицата во делот од крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ до крстосницата со булеварот „Трета македонска бригада“ ќе добие нови тротоари, велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и ново ЛЕД осветлување.  

Од Град скопје објаснуваат и дека оваа сообраќајница е од исклучително големо значење за новите населби изградени на местото на некогашните воени бараки и некогашната касарна Гоце Делчев, па поради тоа е неопходно обновување на истата.

0 Коментари

Остави коментари