Протест на специјалистите стоматолози - бараат зголемување на цените
Foto

Протест на специјалистите стоматолози - бараат зголемување на цените

Зголемување  на цената на услугите како и зголемување на буџетот со кои располагаат ординациите - ова денеска го побараа стоматолозите специјалисти кои излегоа на протест пред министерството за здравство.

Велат дека со средствата кои сега ги добиваат од Фондот за Здравство не може да се оствари ниту минималната плата.

„Ние бараме нашиот интелектуален труд и долгогодишно работно искуство да бидат соодветно платени. Петнаесет години специјалистите стоматолози се обидуваме со стоматолошката комора преговараме со ФЗОМ , меѓутоа сето тоа е безуспешно, иако знаат дека нашите договори се од 2007ма година, специјалистите стоматолози немаат право на боледување, бидејќи немаме замена во нашата професија и работиме на учинок.“ - вели д-р Верица Димовска - Претседател на Македонското здружение на специјалисти стоматолози. 

Поддршка добија и од стоматолошката комора. 

„Имаме градови каде што немаме специјалисти што е срамота за државата, сакаме да седнеме на заедничка маса и да ги решиме проблемите, би сакал да ја искористам оваа прилика сегашниот или идниот министер за здравство да најде разбирање за проблемите на стоматолозите и да седнеме на заедничка маса на која ќе се реши проблем по проблем, основниот проблем сега и со покачувањето на животниот стандард е што цените се непроменети од 2006 година.“ - вели д-р Оливер Манасиев - претседател на Собрание на Стоматолошка комора. 

Министерот за здравство, Венко Филипче ги прими стоматолозите на состанок. Договорено е утре да се сретнат со директорите на Фондот за здравство и да се разгледаат барањата. 

„Имавме краток состанок со министерот за здравство, истакна дека нашите барања се реални и утре ни закажа состанок со директорот на ФЗОМ , бидејќи овие барања се реални и треба да се решат.“ - вели вели д-р Дејан Поповски - специјалист стоматолог. 

Доколку не наидат на разбирање, порачаа дека ќе се соберат сите стоматолошки здруженија на протести. Велат стоматолозите специјалисти не се социјални случаи и не бараат социјална помош, туку нивниот труд да биде соодветно платен.

0 Коментари

Остави коментари