Протест на родители на деца со попречености: И ние имаме право на живот!
Foto

Протест на родители на деца со попречености: И ние имаме право на живот!

Да се биде родител на дете со попречености во Македонија значи да се откажете целосно од сопствениот живот. Кога државата не ви подава рака, целиот товар сам си го носите како знаете и умеете, вака ќе ви речат родителите, кои денеска од разни градови од државата се обединија на протест во Скопје, на кој побараа шанса за живот на нивните деца.

„Во нашата држава е многу тешко да се биде мајка на дете со попреченост...И многу зависи од која општина доаѓаме.“- вели Весна Гацова – мајка на дете со попреченост од Штип.

Весна е мајка на три деца, а најмалите и се близнаци. Дека Ања се разликува од нејзиното братче Никола забележала во првите години од развојот. Кога со сопругот работат, неа ја чува најстариот брат – кој во куќата ја игра улогата на асистент, бидејќи немаат државен помошник.

„Таа мобилност што веќе постои. Треба да чекаме до 26 години? А сега каде ние помошта? Значи ние не сме ни во состојба да бидеме вработени.“ - вели Весна Гацова.

Сите со свои приказни и маки. Во владата однесоа заеднички барања – пристап до асистенти, повисока парична помош и бришење на старосните граници за добивање додатоци.

„Ништо државата ништо. Досега никој нема помогнато ништо. Се бориме вака со пријатели со помош.” - вели Игор Алексоски.

„Доколку државата и обезбеди на пример на сопругата моја додаток од 200 евра, таа нема да мора да бара работа со скратено работно време, бидејќи  детето има епилепсија и мора да оди само четири часа.“ - вели Игор темелкоски.
 
Неодамнешните законски измени во оваа сфера велат се квази реформи. Инклузија има само на хартија, а најлошо е во помалите места и селата. 

„После нас тешко на децата ќе биде нема кој да ги гледа кој да се грижи за нив, а самите не се способни не се описменети немаат своите пари освен тие 3 800. Значи после наша смрт не знам каде ќе одат.“ - вели Убавка Бојкова – родител на дете со попреченост од село Мустафино, Св. Николе.

Тројца министри Мила Царовска, Венко Филипче и Горан Сугарески се обврзаа дека нивните барања ќе им ги исполнат после изборите. Весна и нејзините соборц искрено сакаат да веруваат дека некој ќе го чуе нивниот крик за помош, затоа што велат човечноста се гледа по крижата за најслабите.

„Ќе ги молам сите надлежни...ЕУ .ама и ЕУ за сите!“ - вели Весна Гацова

0 Коментари

Остави коментари