Протест на Обединетата албанска опозиција
Foto

Протест на Обединетата албанска опозиција

Силното невреме не ги спречи илјадниците жители на Албанија да пристигнат во Тирана каде се одржува петтиот по ред протест на Обединетата албанска опозиција. Пред насобраните демонстранти се обрати лидерот на опозицијата и прв човек на демократската партија, Љуљзим Баша, кој ја обвини Владата и полицијата за употреба на прекумерна сила за време на протестите кои се оддржаа во текот на викендот.

Во обраќањето кое го имаше претходно тој уште еднаш го повтори ставот дека нема да има никакви преговори со Еди Рама и дека наскоро ќе се формира преодна влада која ќе спроведе фер и демократски избори.

„Сакам јасно да му порачам на лидерот на кликата на власт: „Не ја преминувај границата. Не се прави силен со оклопни возила и солзавец. Заборави дека можеш да дојдеш и да бидеш на власт со насилство. Во најдобар случај ќе се молиш да ја имаш судбината на Никола Груевски.“  изјави Љуљзим Баша – претседател на демократската партија.

За безбедноста се грижат околу 2.000 полицајци а во близина на местото на протестите има и неколку противпожарни и амбулантни возила. Зградата на Владата е опкружена со метални огради и има голем број полициски службеници. Засилено обезбедување има и пред Парламентот, Управата на полицијата во Тирана, како и пред седиштето на Централната изборна комисија откако претходно организаторите на протесниот марш соопштија дека ќе ги посетат сите институции кои се симбол на криминалот но и на полициското насилство.

Иако опозициските лидери побараа од демонстрантите да се воздржат од насилство, сепак неколку димни бомби и молотови коктели беа фрлени пред зградата на министерството за внатрешни работи. На протестот се приклучија и жителите од населбата „Астир“, облечени во жолти елеци, чии што домови треба да бидат урнати поради изградбата на голема обиколница во Тирана.

А Европратениците Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан претходно упатија повик до сите граѓани на Албанија да му стават крај на насилството на протестите и предупредуваат дека тоа може да влијае врз датумот за почеток на преговорите со ЕУ.

„Ги повикуваме сите политички лидери да покажат одговорност и воздржаност. Сликите кои ги видовме во саботата би можеле да дадат погрешен впечаток дека Албанија не е подготвена за пристапни преговори во јуни.“ - се наведува во писмото.

Американската амбасада во Тирана упати директна порака до лидерите на Демократската партија и на Социјалистичкото движење за интеграција, Љуљзим Баша и Моника Куремади, да го осудат насислтвото на нивните поддржувачи и да соработуваат во секоја истрага за да ги идентификуваат сторителите. Во пораката која ја испратија на нивната страна на фејсбук исто така се бара и од полицијата да дејствува со воздржаност, дури и во случај на провокација.

0 Коментари

Остави коментари