Прославата на Илинден со богата музичка програма
Foto

Прославата на Илинден со богата музичка програма

Прославата на големиот национален празник „Илинден“, кој годинава се одбележува под мотото „Сите сме деца на Илинден“, во Крушево, почнува вечерта на 1 август на Гумење со церемонија за започнување на „10 дена Крушевска Република“, која ќе биде заокружена со богата музичка програма, соопшти владината прес-служба.

Свечената церемонија на 1 август почнува во 19:35 часот со интонирање на државната химна, по што ќе се обрати градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски. Со импровизирано пукање од црешовото топче и со огномет ќе биде означен почетокот на програмата, по што следува музичкиот дел.

Присутните гости во 20:30 часот ќе имаат можност да уживаат во изведбите на гитарските виртуози Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ. После нивниот настап, со почеток во 22 часот, сестраниот композитор, аранжер и клавијатурист Џијан Емин придружуван од Филхармонија и Здружението на џез-уметници (ЗЏМ) ќе одржи електро-акустичен концерт.

По концертната програма, на полноќ ќе биде изведен традиционалниот импровизиран напад на градот.

Свеченото одбележување на 116-годишнината од Илинденското востание и 75-години од Првото заседание на АСНОМ продолжува на 2 август, кога на Мечкин камен ќе биде одржана Централната свеченост по повод државниот празник Ден на Републиката – 2 Август, Илинден.

На свеченоста ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, по што е предвидена свечена културно-уметничка програма.

Дел од програмата, во рамки на прославата на Илинден, се и настапите на Ансамблот „Танец“, културно уметничкото друштво „Емин Дураку“ и мешаниот хор „Крушево“. 

0 Коментари

Остави коментари