Пропадна одлучувањето за аболицијата во Уставен, гласот на Кацарска ќе биде пресуден
Foto

Пропадна одлучувањето за аболицијата во Уставен, гласот на Кацарска ќе биде пресуден

Уставните судии не се договорија денеска да се одлучува по фамозниот член 11-а со кој требаше да се расчисти дали Иванов смеел да ја повлече аболицијата. Аргументите за или против во Уставен се изедначени, 4:4, па уставните судии ниту можеа да се договорат дали одлучувањето да се одложи за друга седница како што тоа го предложи Осман Кадриу, а не можеа ниту со такво расположение на силите да го изгласаат дневниот ред, воопшто.

Судијата Кадриу предложи да се одложи одлучувањето по фамозниот член 11-а бидејќи има клучни разлики меѓу предлозите на судијата Дарко Костадиновски кој сега е известител за оваа иницијатива и предлогот на судијата Владимир Стојановски на кого минатата година му беше доделен овој предмет. Но неговиот мандат заврши.

Судијата Кадриу аргументираше дека предлогот на Стојановски тогаш бил да се поништи или укине спорниот член 11-а, а сега предлогот на Костадиновски е да се запре постапката по ова одлучување. 

Според него ова се дијаметрално спротивни предлози и затоа по оваа точка не треба веднаш да се одлучува, туку треба одново да се расправа.

За овој предлог тој доби поддршка во гласањето од претседателот на Уставен Сали Мурати и судиите Маркудова и Ајдари.

Судијата Јован Јосифовски кој беше против ова одложување изјави дека Уставниот суд веќе 4 години доцни да донесе одлука по ова прашање, а и точката еднаш веќе била одложена, пред 3 недели. 

Јосифовски констатираше дека предлогот на Кадриу не треба да е прифатен. Меѓутоа изедначените гласови 4:4 не оставија можност и воопшто судиите да се договорат судиите за останатите точки од дневниот ред. Им недостасува пресудниот глас од најавената судијка Добрила Кацарска за која во Собранието денеска трет ден се боди расправа и допрва треба да се гласа за нејзиниот избор.

Доколку уставните судии одлучеа да се поништи членот 11-а, автоматски би се активирала аболицијата за 56 лица, со што во вода паѓаат сите процеси од СЈО против поранешните функционери, Мијалков, Груевски, Јанакиески, Јанкулоска и тн. Токму членот 11-а тие го спорат и до судот во Стразбур каде што ја тужат државата моментално, затоа што води судски процеси против нив, а тие биле помилувани.

0 Коментари

Остави коментари