Продолжуваат разговорите за консензуален кандидат
Foto

Продолжуваат разговорите за консензуален кандидат

Партискиот оглас на СДСМ за пријавување кандидати за претседател на државата заврши вчера, а официјално е позната само кандидатурата на поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов. Владејачката  партија не соопшти други имиња, во обид да најде кандидат прифатлив за граѓаните од сите етнички заедници и социјални слоеви, личност која ќе ја одразува идејата: едно општество за сите.

За да се најде и усогласи таквиот консензуален кандидат, лидерот на СДСМ Зоран Заев завчера и вчера имаше одделни разговори со лидерите на три партии на Албанците – Али Ахмети на ДУИ,  Мендух Тачи  на ДПА и Африм Гаши на Алтернатива – како што од пред два дена е преименувано скопското крило на Беса.

Партиските органи на СДСМ и ДУИ односно нивните организациски секретари до крајот на неделава ќе ги продолжат консултациите за можен зеднички претседателски кандидат.

– Станува збор за вредна шанса, што можеби ќе успее, а можеби не, рече Заев по средбата со Ахмети во понеделникот. Деновиве, рече, ќе бидат соопштени повеќе детали околу можните кандидати на СДСМ, посочувајќи дека од десетината што се спомнуваат во јавноста, пет се фаворити. Ахмети во изјавата нагласи дека треба да се донеат одлуки во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите.

Заев повтори дека тој самиот нема да се кандидира за шеф на државата, а исто така и  Ахмети, според кого не е добро лидер на политичка партија да стане претседател на државата.

Лидерот на СДСМ вчера ги продолжи средбите и со Тачи од ДПА и Гаши од Алтернатива кои ја поддржуваат идејата за претседател по мерка на сите граѓани. Гаши рече дека за нив би било поприфатливо претседателскиот кандидат да е натпартиска личност која политички била внимателна во минатото, не давала, како што рече, „несреќни“ изјави, не била негативно настроена кон ниту една заедница.

-Особено за нас, во овој случај е важно кон албанската заедница, затоа што ние треба да ги мотивираме нашите гласачи, рече Гаши вчера, ценејќи го тоа што првпат во државава се одвива ваков процес за избор на кандидат за претседател кој би бил претставителен за сите граѓани и прифатлив за сите етнички, религиозни и секакви други заедници.

Мендух Тачи од ДПА смета дека би било добро да се номинира кандидат на Владата што, според него, ќе значи и продолжување на политиката на нормализирање на состојбата во државата зашто претстојат важни задачи – отворање преговори за интеграција во ЕУ и ратификација на нашето членство во НАТО.

– Разговаравме за неколку имиња, но оставивме да се вратиме во нашите партии, да разговараме со нашите структури и потоа заедно да одлучиме кое е името што котира највисоко … Истакнувањето да биде во симболиката на заеднички кандидат, а не на кандидат на оваа или на онаа партија, изјави Тачи.

Потрагата по консензуален кандидат продолжува. Заев најави средби и со опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села денеска, и со  Беса на Билал Касами утре. Оптимист е дека тие позитивно ќе се изјаснат за овој пристап на подадена рака.

Конгресот на СДСМ е закажан на 3 март. Лидерот Заев најави дека  партијата идната недела ќе ги разгледува сите анализи и анкети за да добие повратни информации од сите политички партии.

-За да можеме и ние да донесеме своја одлука за кандидатот зад кој ќе застанеме како политички субјект, но и како севкупни политички партии, рече Заев вчера по завршувањето на консултативните средби.

На шестите претседателски избори закажани за 21 април ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува со професорката Гордана Силјановска-Давкова која во саботата беше избрана со мнозинство гласови на конвенција во Струга.

Филип Петровски, кој беше меѓу деветте кандидати на опозициската партија и не доби поддршка за номинација, вчера најави дека ќе собира 10 илјади потписи за кандидатура на претседателските избори. Обвини дека изборот на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ бил однапред изрежиран од лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

0 Коментари

Остави коментари