Пристигнувањето на кинеските вакцини ќе доцни
Foto

Пристигнувањето на кинеските вакцини ќе доцни

Вакцините од Кина нема да пристигнат до крајот на месецов, како што беше најавено. Министерот за здравство потврди дека извесно е дека пристигнувањето на пратката со 200.000 вакцини ќе се пролонгира.

Филипче вели секојдневно се во комуникација со кинеската компанија „Синофарм“ и со американската „Фајзер“ од каде требаше да добиеме околу 5 000 вакцини, но деталите за испораката се уште не се финализирани.  

Во меѓувреме - потпишан е и договорот за набавка на руските вакцини „Спутник“. Од вчера здравствените власти се во интензивни разговори со Русите, но засега се уште не се знае кога ќе пристигнат во земјава.

„Мислам дека сме навистина во делот на кинеската и Фајзеровата вакцина во последните денови кога се финализираат и последните прашања, но дозволете ова да го кажам со доза на резерва заради тоа што многу пати така сметавме до сега па излегуваше дека секогаш имаат и дополнителни прашања што треба да се решат, интензивно почнавме уште во текот на вчера да преговараме и со претставниците за руската вакцина. Амбасадорот се понуди со негови лични контакти да проба целокупниот процес да го забрза“ - вели Венко Филипче – Министер за здравство.

Со вакцините кои ни ги донираше Србија околу 2.000 здравствени работници од КОВИД центрите се веќе вакцинирани, а имунизацијата ќе продолжи кај медицинскиот персонал од лабораториите, потоа матичните лекари како и дел од стоматолозите.

Министерот нема да се вакцинира сега. Вели дека ќе даде предност на неговите колеги кои се во поголем ризик – а тој ќе прими вакцина кога ќе ги има во поголем број во земјава.

„Навистина не би сакал да земам место на неко кој што има многу поголем ризик од мене да заболи. Тоа се сепак колегите - лекари и медицински сестри , кои што секојдневно работат во КОВИД центри каде што се хоспитализирани КОВИД пациенти, матичните лекари кои што имаат секојдневно контакт со пациенти и се во исклучително висок ризик како и вработените во лабораториите. Нека поминат овие првични групи. Јас ќе се вакцинирам понатаму сигурно“ - смета Филипче.

Во меѓувреме пак британската мутација продолжува да се шири низ земјава. Кај седумдесет проценти од новозаболените е детектирана мутацијата. . Епидемиолозите викендов ќе одлучат дали да се заострат мерките во градовите каде ситуацијата е поалармантна.

„Чекаме да заврши анализата по региони и да видиме дали ќе има мерки кои што ќе се однесуваат на посебни градови или региони или нешто што ќе важи за целата територија на државата“ - рече Филипче.

На денешен ден - лани беше откриен првиот пациент со коронавирус во земјава. Педесет годишна жена од Скопје која престојувала во Италија и во земјава допатувала преку граничниот премин Табановце беше првиот потврден случај. Од тогаш до денес над 100.000 лица заболеа од коронавирусот, а повеќе од 3.000 починаа како резултат на компликации од вирусот.

Правејќи ретроспектива - Министерот Филипче оцени дека здравствените власти и целокупниот систем добро се справиле со кризата и дека ниту еден пациент не бил оставен без здравствена заштита за време на пандемијата.

0 Коментари

Остави коментари