Пристигна втората пратка на вакцини од Србија
Foto

Пристигна втората пратка на вакцини од Србија

Пристигна и втората пратка со 3 510 вакцини од Србија. Министерот Филипче и неговиот српски колега Златибор Лончар сами ја претоварија пратката од автомобилот, со кој српските власти ги транспортираа вакцините до Табановце, во возило на македонската агенција за лекови. 

„Со втората пратка на вакцини од Србија ќе се вакцинираат останатите здравствени работници, кои досега не примиле ниту една доза вакцина, а кога и од каде ќе стигнат нови количини во земјава - засега здравствените власти не знаат. 

Извесно е дека месецов нема да ги добиеме најавените 5.850 вакцини од компанијата „Фајзер“, за кои Владата и министерството тврдеа дека ги имаат обезбедно преку директни преговори со компанијата. Образложението е дека компанијата не можела да постигне со производство. 

„По укажувањата на претставниците на компанијата можно е да тоа се случи на почетокот на март еве и ние се уште го чекаме драфтот на договорот, притоа веројатно дека ќе стане збор за поголема количина од таа иницијално најавената за февруари, со оглед на тоа што веќе и тогаш за месец март беше најавувана поголема количина.“ - изјави Филипче.

Министерот Филипче не сакаше да шпекулира ниту кога ќе пристигнат кинеските вакцини, за кои Премиерот тврдеше дека ќе тргнат од Кина, по кинеската нова година, а за руските вакцини допрва ќе се потпишуваат драфт-договори. 

Во Србија пак веќе над еден милион граѓани се имунизирани, а земјата има обезбедно повеќе од 2 милиони вакцини од 4 различни производители. Српкиот министер за здравство вели дека досега не се забележани никави тешки реакции по примањето на која било вакцина, освен очекуваните како што се покачена температура, омалаксаност или оток на местото каде се прима вакцината.  

„Она што сакам да го порачам од нашите искуства е дека кога ќе се прими првата доза вакцина не треба да има опуштање. Некои вакцини побрзо создаваат антитела, некои поспоро, но не смее да се опуштаме, мора да се води сметка и да се почитуваат мерките за заштита. Кај нас се случи одреден број на луѓе кои примија една доза, па ги фрлија маските и така имавме одреден број луѓе кои се заразија, по првата доза, бидејќи немаа доволно развиено антитела. Тоа е нешто на што мора да водите сметка.“ - изјави Златибор Лончар - Министер за здравство на Република Србија.

Македонија засега останува само со овие количини на вакцини кои ни ги донираше Србија. Со нив ќе се финализира имунизацијата на здравствените работници. Со следната пратка која ќе пристигне во земјава ќе се почне со вакцинација и на населението при што приоритет ќе имаат лицата над 70 години и хронично болните.

0 Коментари

Остави коментари