Претставата „Јованче и Марика“ премиерно на 25 декември во Театарот за деца и младинци
Foto

Претставата „Јованче и Марика“ премиерно на 25 декември во Театарот за деца и младинци

„Јованче и Марика“ е детско-куклената претстава која в среда премиерно ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци во Скопје. Претставата е работена според истоимената приказна на браќата Грим.

Како што информира директорката на театарот Катарина Илиевска Силјановска на денешната прес-конференција, претставата е намената за најмалата публика на возраст над три години.

Режисерот на претставата е Давор Драгојевиќ од Подгорица.

Драгојевиќ на денешната прес-конференцијата додаде дека ова е негово прво гостување во земјава како режисер, а самото режирање на претставата му претставувало голема чест, но и голема задача.

– Имав чест да работам со одлични актери и луѓе, и колку беше предизвикувачка работата, толку беше и лесна, затоа што кога работите со добри актери тогаш не е тешко режисерот својата замисла да ја спроведе во дело. Мислам дека создадовме една многу добра приказна, убава претстава. Се обидовме и начинот на кој ја игравме приказната да биде прилагодена за деца над три години. Да биде едукативна, забавна, и да покажеме почит на сите уметнички вредности на овој проект, истакна Драгојевиќ.

Актеротот Драган Довлев кој игра во претставта, во своето излагање истакна дека овој проект и покрај тоа што е специфичен по многу работи, тој претставува херојски подвиг.

– Прво, мораме да напоменеме дека овој проект е оригинално на Дарко Ковачевски – македонски режисер на куклени претстави, кој живее во Софија и на кого му се случи еден пех од здравствени причини и не можеше да го дореализира овој проект. Вториот проблем се прекратките рокови што ги бркавме, ние оваа претстава успеавме да ја направиме во период во кој што објективно ние глумците немавме доволно време да го совладаме текстот, да го меморираме, рече Довлев.

Додаде дека во ист период требало да ги совладат куклите, промените меѓу сцени, да ги совладат и реквизитите, но за негово огромно изненадување немањето време стана нивен најголем успех.

– Ние актерите прв пат сите сме во една ваква ситуација, но на крајот испадна дека нашата најголема слабост немање време, излезе дека е нашиот најголем успех бидејќи за овој краток период ние направивме нешто што е по мене многу квалитетно. Кога некој кој знае што е куклен театар ќе дојде и ќе ја гледа оваа претстава мислам дека и од најлудите претпоставки нема да претпостави дека е ова претстава е направена со пет, шеснаесет проби, рече Довлев.

Според него, голем подвиг но и успех за театарот е за кратко време да се направи претстава која што претходно некој друг ја започнал.

– Уште на самиот почеток бев скептик дека било кој режисер би се снашол во ваква улога, на туѓ проект да се обиде да го направи свој. Драгојевиќ го направи свој толку колку што нудеше времето и знаењето, се дававме себе си сто отсто, знаевме во што се впуштаме и мислам дека се ретки екипите кои што знаат со каков проблем се соочуваат но сепак го прифаќаат предизвикот, додаде Довлев.

Во претстава игра актерска екипа од пет луѓе: Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков и Ангела Димитрова.

Сценографија и костимографија е на Надја Василева Ковачевска, а композитор на музиката на претставата е Љупчо Мирковски. Драматизацијата на приказната е на Дарко Ковачевски и на Надја Ковачевска Василева.

0 Коментари

Остави коментари