Претседателски избори во Романија
Foto

Претседателски избори во Романија

Околу 18,2 милиони луѓе со право на глас денеска ќе се изјаснат за еден од 14 кандидати за претседател на Романија.

Се претпоставува дека ниту еден од кандидатите нема да освои 50 проценти од гласовите и на 24 ноември ќе се одржи втор круг од претседателските избори.

Фаворит на изборите е актуелниот шеф на државата Клаус Јоханис со поддршка од над 45 проценти. Но, според резултатите од испитувањето на јавното мислење нејасно е кој кандидат ќе се соочи со Јоханис во вториот круг.

Независниот кандидат, актерот Мирчеа Дијакону кој има поддршка од две помали партии во Парламентот – ПРО Романија и АЛДЕ има поддшка од околу 16 отсто, со што е пред кандидатите на Социјалдемократската партија (ПСД) Виорица Данчила и  пред режисерот Дан Барна лидер на централно-десничарската Унија зачувај ја  Романија“ (УСР), третата најголема политичка партија во Романија, која е поддржана и од ПЛУС, партијата на поранешниот премиер Дачијан Циолош.

Јоханис е поранешен лидер на Националната либерална партија (ПНЛ), која во понеделникот формираше малцинска влада предводена од премиерот Лудовик Орбан. Социјалдемократската влада на Данчила беше принудена да се повлече откако во октомври и беше изгласана недоверба во Парламентот под притисок на антивладините протести поради  коруптивните скандали. Поранешниот лидер на социјалдемократите Ливиу Драгнеа е осуден поради злоупотреба на службената должност.

Романскиот претседател има петгодишен мандат. Тој е одговорен за надворешната политика, присуствува на самитите на ЕУ и е главен командант на вооружените сили. Претседателот именува премиер и судии.

ПСД во 2016 година победи на парламентарните избори освојувајќи 46 проценти од гласовите, благодарение на ветувањата за повисоки пензии и плати. По три години и тројца премиери, двајца отстранети од власт од страна на самата партија и еден отстранет по гласањето недоверба од страна на опозицијата. Социјалдемократите се обвинуваат поради несправување со корупцијата и не спроведување на судските реформи.

Романија е членка на Европска  Унија од 2007 година, а повеќе од 25 проценти од нејзините жители живеат со помалку од 5,50 долари на ден. Околу четири милиони Романци живеат во странство.

Романците следната пролет ќе гласаат на локални избори, а на крајот од 2020 година предвидени се парламентарни избори.

0 Коментари

Остави коментари