Претседателот на Собранието на Турција во посета на земјава
Foto

Претседателот на Собранието на Турција во посета на земјава

Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Мустафа Шентоп денеска и утре ќе престојува во посета на Северна Македонија во рамки на одбележувањето на 21 Декември, Денот на турската настава.

Шентоп денеска ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, а потоа заедно ќе присуствуват и ќе имаат обраќања на официјалната прослава по повод 21 Декември – Денот на турската настава во Скопје. Претседателот на Големото национално собрание на Турција се очекува да се сретне и со претседателот на државата Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Во интервју за МИА претседателот на Големото национално собрание на Република Турција Шентоп истакна дека во Северна Македонија разни етнички и верски заедници со векови живеат заедно во мир и во благосостојба, и оти тие во Турција со задоволство гледаат на ова. Различностите се извор на богатство на една земја и гледано од тој аспект, додаде тој, Северна Македонија е една од најбогатите земји, не само на Балканот, туку и во светот. Воедно, вели Шентоп, особено е за поздравување фактот што нашата земја ова, како што потенцира, бесценето богатство го зачувува и со устав и законски регулативи.

– Гледаме дека со Охридскиот Рамковен Договор од 2001 година и со Законот за јазици прифатен во 2008 година се потврдува правото на образование, со што се овозможува образование на албански, турски, ромски, српски, босански и влашки јазик. Турската заедница во Македонија, од која и јас потекнувам, е мошне задоволна од користењето на ова право и тоа задоволство го изразуваат во секоја прилика. Имено, особено сме горди кога од нашите пријатели во Македонија слушаме за тоа дека колку квалитетно образование на турски јазик им се нуди на нашите браќа низ цела Македонија, на чело со училиштето на Турската Фондација Маариф кое се наоѓа во Тетово, рече претседателот на Големото турско собрание.

На 21 декември 1944 година во рамки на тогашната Федеративна Република Југославија одново е дозволено образование на турски јазик и овој датум е прифатен како национален празник на Турците во Македонија и Ден на турска настава.

0 Коментари

Остави коментари