Преговори за Влада
Foto

Преговори за Влада

Во вторник на конститутивната седница на Собранието лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети ќе се видат, но дали ќе седнат на маса за да се договорат за формирање ново парламентарно мнозиндтво. Од ДУИ очекуваат покана од СДСМ за формирање  парламентарно мнозинство, веднаш по конституирањето на Собранието. Ова го изјави Бујар Османи, во интервју за косовската телевизија „Т7“. 

Портпаролот на ДУИ не ја исклучил ни можноста за формирање мнозинство и со ВМРО-ДПМНЕ.  Коментари на аналитичарите, ги нарече Османи пишувањата на албанските медиуми дека е договорен модел за ротација на премиерот,  иако, како што вели за косовската телевизија, како партија не би имале ништо против таквата идеја. Предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец го опиша како симболичен.

„Една од паролите на кампањата беше „Зошто да не“, така што - зошто да не? Сè е можно. Во случајот со премиерот, симболиката е поважна отколку практичниот аспект. На овој начин се кршат табуата на нееднаквост во оваа земја. Мислам дека институциите се ослободуваат“ - вели Османи.

Од СДСМ велат, формалните разговори за мнозинство кое ќе формира влада ќе почнат по Илинден, односно по конститурањето на парламентот. Според партиски извори во вторник е веќе закажана средба меѓу Зоран Заев И Мендух Тачи – единствениот пратеник од ДПА, која ја поддржуваше владата и во минатиот состав. За разговори за нова влада е подготвена и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат, по конститутивната седница ќе се знае како ќе се позиционира ВМРО-ДПМНЕ.

И додека од партијата тврдат дека има сериозна можност да формираат влада, екс функционерите им бараат одговорност и најавуваат преземање на партијата. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев во интервју за Фокус вели дека е подготвен да седне во лидерската фотелја. Тимчо Муцински пак му одговори дека се презема фирма, додека раководството на партијата зависи  од волјата на членството. Опонентите на ДУИ пак во албанскиот блок веќе изјавија дека партијата на Ахмети ќе го изгуби легитимитетот ако не го исполни ветеното, бидејќи токму со кампањата за премиер Албанец ги добиле гласовите. 

Во меѓувреме, американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз во интервју за весникот „Коха“ порача новата Влада да се формира во предвидените рокови и вели дека Вашингтон ќе соработуваат со сите политички парти во земјата за да се продолжи евроатланскиот пат. На прашањето за идејата на ДУИ за прв премиер Албанец, американската амбасадорка оценува дека плуралистичкиот систем на земјава овозможува избор на премиер со гласови на мнозинство пратеници, без оглед на етничката припадност.

„Зависи од мнозинството во Парламентот што ќе ја изгласа идната Влада. Одредени квалификации на премиерот и неговата или нејзината способност да ја добие поддршката на мнозинството пратеници се, по природа на вашиот парламентарен систем, одлучувачки фактори тука, без оглед на етничката или политичката припадност“ - смета Брнз.

Додека партиите лицитираат околу формирањето влада, претседателот Стево Пендаровски вели дека мандатот ќе го додели на онаа партија или коалиција која ќе обезбеди мнозинство.

0 Коментари

Остави коментари