Пратениците расправаат за одземањето на имунитетот на Вељаноски
Foto

Пратениците расправаат за одземањето на имунитетот на Вељаноски

Собранието вечерва на седница ја почна расправата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, што беше на барање на Основен суд Скопје I Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција поради постоење на основно сомнение дека е сторено кривично дело-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, а вечерва не е присутен на седницата. Елизабета Канчевска Милеска, координатор на групата осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поддржаа уставните измени, побара едночасовна пауза, бидејќи дури во седум часот ја добиле информацијата дека вечерва ќе се одржи седница.

Пратениците од власта и опозицијата спореа околу тоа дали има основ да се свика оваа седница, со оглед на тоа што надлежната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, не донела заклучок со мнозинство гласови, односно четворица пратеници предложија одземање на имунитетот, а четворица биле против. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека правно Собранието нема за што да расправа затоа што немало заклучок од Комисијата, а власта нагласуваше дека седницата за одземање на имунитетот е закажана согласно Деловникот.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во текот на расправата изјави дека одлуката за одземање на имунитетот е донесена на друго место, а како што рече „тука треба да се изврши само егзекуцијата“. Пратеникот од СДСМ и претседател на надлежната Комисија, Павле Богоевски истакна дека Комисијата не е таа која цени барање на суд и изрази изненадување од ставање под знак прашање на реформските процеси. Додаде дека се поставува според барањето на судот и Собранието нема право да ги попречи судските процеси. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ со забелешка дека Комисијата не донела заклучок. -Што ќе стави сега Џафери на гласање, има извештај, ама нема предлог-заклочок. Штом нема предлог-заклучок од комисија нема точка, рече тој.

Џафери побара од пратениците да престанат да го толкуваат Деловникот, оти тоа не е во нивна надлежност и нагласи дека тоа може да се прави единствено во Законодавно-правната комисија. Според Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ обвинителството е продолжена рака на извршната власт и додаде дека „прашање на денови е кога на власта кога треба нешто да се покрие, обвинителството се активира“.

– Ако веќе Комисијата како матично тело не зазеде став и пратениците не беа убедени дека треба да му биде одземен имунитетот, зошто е потребата денеска да дискутираме за истото или која е потребата да имаме комисии, кога сите овие работи треба да завршат тука, рече Мицевски.

Собранискиот спикер Талат Џафери појасни дека основа за свикување на седницата е извештајот на Комисијата и предлогот на Мицески го стави на гласање, при што беше отфрлен со 61 глас „против“. Продолжението на расправата е закажано за 23.30, а до полноќ треба да се донесе одлука.

0 Коментари

Остави коментари