Познавачите реагираат дека покачувањето на платите на вицепремиерите е непотребно
Foto

Познавачите реагираат дека покачувањето на платите на вицепремиерите е непотребно

Веста дека Владата предлага повисоки плати за вицепремиерите ја подели јавноста и ги зовре социјалните мрежи. За најголем дел од граѓаните, покачувањето на платите на петте вицепремиери за дополнителни 8.000 денари е непотребен луксуз на Владата, зашто тие и сега земаат високи плати. Нивните месечни примања се движат од 75 илјади до 92 илјади денари.

...Дали нивното покачување на платите ќе го подобри животот на останатите граѓани или само ќе ја зголеми нивната алчност....

....Зголемете ги платите и пензиите на граѓаните. Нивните и онака се високи, ама пусто око ненаситно...

Ова се само дел од коментарите на граѓаните на Фејсбук.

Владата предложи измени на Законот за платите на функционерите само по неколку месеци откако во март годинава Уставниот суд им ги намали платите на вицепремиерите со образложение дека тој не е усогласен со Законот за Влада и според тоа функцијата потпретседател на Влада не постои во правниот поредок.

Оваа иницијатива пред Уставен ја поведе Левица. Сега оттаму се разочарани, најавуваат нова претставка до Судот.

„Ова е петпарачка финта од страна на Владата каде во ситуација кога тие земаат многу високи плати, каде што јадат и пијат не со парите од платата туку со дополнителни надоместоци, каде што имаат платени патни трошоци, тие со доста високи плати најдоа да реагираат“ - вели Здравко Савевски, Левица.

Вицепремиерите треба да имаат повисоки плати зашто нивната одговорност е поголема од министрите, смета Неда Малеска од Центарот за управување со промени.

„Вицепремиерите го заменуваат премиерот во управување со седниците на Владата,  имаат многу поголеми одговорности, значи управуваат и со одредени ресори, зголемувањето на коефициентот на платите е сосема оправдано решение“ - рече Неда Малеска, Центар за управување со промени.

Но проблемот е што системот на плати не е сосема регулиран во целата јавна администрација, па имаме директори на јавни претпријатија кои имаат исти плати со министрите, а одговорноста е далеку поразлична.

„Платите на они тела кои вршат надзор на работата на Владата може да се случи да бидат повисоки отколку платите на министрите“ - смета Малеска.

Според табелата на платите што ја објави Владата, се гледа дека основната плата на вицепремиерите е 71.066 денари, а на министрите 65.800 денари. На тоа се додава надоместокот за минат труд што е различен во зависност од работниот стаж.

Исклучок има кај Оливер Спасовски кој како министер за внатрешни зема 20 насто повеќе од своите колеги и е најплатениот функционер во Владата. Неговата плата, по новата пресметка, ќе префрли над 100.000 денари. 

Платата на Хазби Лика кој со месеци не доаѓаше на работа ќе стигне до 85.000 денари.

Следната година, само за плати на петте заменици на Заев, од Буџетот ќе бидат исплатени 86.000 евра.

0 Коментари

Остави коментари