Познавачите предупредуваат: Внимателно со малиот шенген
Foto

Познавачите предупредуваат: Внимателно со малиот шенген

Мал шенген има визија, но полесно е да обезбедите луѓе и капитал од политичка волја. Долгогодишниот српски новинар Бошко Јакшиќ за тв 24 вели дека живееме во регион каде никогаш не се знае кој и зошто може да направи проблем, а тоа е најчесто поради ефтини политички поени дома. Тој оваа иницијатива не ја гледа како обнова на Југославија, туку како еден вид парцијализација на ЕУ која во овој период е многу повеќе актуелна од интеграција на Унијата.

„Дали малиот шенген треба да биде утешна награда, компензација за очигледната блокада на европските интеграции со кои се соочени 6 држави од Западен Балкан, како што се виде неодамна кога францускиот претседател ја блокира Албанија и Северна Македонија. И затоа се плашам дека краткорочните економски, инвестициски или трговски бенефиции, можат да донесат долгорочна геостратешка политичка штета.“ - вели Бошко Јакшиќ новинар Политика Белград.

Како што стојат сега работите, се очекува Босна и Херцеговина, да пристапи наскоро но Албанија порачува дека можеби ќе го напушти овој мал шенген, доколку не биде вклучено и Косово. Истовремено косовскиот претседател Тачи одби да присуствува на Охридскиот Самит, образложувајки дека Косово не сака евроатланската перспектива да ја замени со било која регионална иницијатива.

„Многу луѓе гледаат на ова дека е алтернатива, дури и европската економска зона била атернатива. Тоа е процес. Јас знам но не само јас туку и видни експерти велат дека тоа е експресен воз за Европска Унија. Значи не се коси едно со друго, компатибилно. Значи побрзо да стигнеме до Европска Унија – тоа е целта.“ - вели Мерсел Биљали аналитичар

Комисијата за надворешна политика до крајот на месецот ќе организира јавна расправа за иницијативата Мал Шенген, најави денеска Антонио Милошоски... покрај членови на владата, на расправата се очекува да присуствуваат и претставници на стопанските комори и дипломати.

„Малиот шенген“ подразбира конкретни мерки, кои во регионот ќе обезбедат целосна слобода за движење на стоки, луѓе, услуги и капитал, што е една од темелните вредности на Европската Унија. Следниот состанок на лидерите од Западен Балкан ќе биде одржан на 21 декември во Драч, а на тој самит ќе биде присутен и претставникот на ЕУ за надворешна политика Жозеф Борел.

0 Коментари

Остави коментари