Последни денови за завршните зборови за „Крвавиот четврток“
Foto

Последни денови за завршните зборови за „Крвавиот четврток“

Тројца адвокати, за двајца обвинети, денеска го дадоа својот завршен збор на судењето за крвавите собраниски случувања од 27. април 2017 година. Имено, на денешното продолжение последната одбрана ја дадоа адвокатот Драган Пешевски, бранител на обвинетиот Горанчо Ангеловски и неговите колеги Нинослав Јакимовски и Сашо Јанев, адвокати на Игор Југ.

Откако завршниот збор го подели на општ и посебен, односно на дел кој се однесува на крвавите настани од 27. април и на дел кој најнепосредно се однесува на обвинетиот Ангеловски и активностите коишто тој ги презел критичниот ден, Пешевски го обвини дека во овој случај имало пет различни кривични дела, односно дека започнало со насилство, па се преминало на обид за убиство и завршило со терористичко загрозување.

„Јас од овој суд ќе барам правда! Да! Нагласувам дека ќе ја барам правдата, а товарот на докажувањето ќе му го оставам на Обвинителството. Тој товар беше претежок за нив. Тие изнесоа еден куп претпоставки, но се суди според докази и затоа претпоставките ќе ги оставам зад врата!“ - изјави Драган Пешевски.

Обвинетиот Игор Југ немал намера да ги убие Зоран Заев, Зијадин Села или Дамјан Манчевски. Всушност, тој, според завршниот збор на адвокатот Нинослав Јакимовски, и не можел да убива, бидејќи со себе не носел пиштол. Јакимовски и неговиот колега Сашо Јанев говореа за „темно сив предмет“ кој никако не бил пиштол. Инаку ни Југ, како и Горанчо Ангеловски, немало да влезе во Собранието, доколку некој, од внатре, не им ги отворел вратите. Адвокатите, во завршен збор, со замерки за изказот на обвинетиот Александар Василевски - Нинџа и за уште неколкумина сведоци. Судењето за „крвавиот четврток“ продолжува во петок за кога е можно да биде исцрпена и целата листа на обвинети. Овој процес, првично се однесуваше на 30 лица, но по донесувањето на Законот за амнестија листата се сведе на само 17 лица.

0 Коментари

Остави коментари