Посебен сообраќаен режим во Скопје за Велигден
Foto

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Велигден

Посебен сообраќаен режим за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје и општините Ѓорче Петров и Аеродром ќе биде воведен денеска и утре по повод празникот Велигден.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска  од 18 часот, па се до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени булеварот „Партизански одреди” од крстосницата со улицата „Аминта Трети” до крстосницата со булеварот „ВМРО”, и булеварот „Свети Климент Охридски” од крстосницата со булеварот „Илинден” до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски”.

Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев” им се менува трасата на движење при што ќе се движат по булеварпт „Илинден” и преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”, додека автобусите што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по улицата „М.Т.Гологанов” па преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.

Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот „Партизански одреди“, десно по улицата „Ѓорче Петров“, лево по улицата „Васил Чакаларов“, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон“ по улицата „Демир Трајко“ и лево по улицата „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.

0 Коментари

Остави коментари