Пораки од „Економист“: ЕУ мора да најде начин да ја продолжи евроинтеграцијата на регионот
Foto

Пораки од „Економист“: ЕУ мора да најде начин да ја продолжи евроинтеграцијата на регионот

Процесот на европска интеграција станува се помалку предвидлив. Поради тоа, да не се дозволи вакуумот во проширувањето да го пополнат трети сили, туку добри иницијативи за регионот. Состојбата на неизвесност на државите од регионот во поглед на членството во Унијата може да создаде превирања и ЕУ мора да најде начин да продолжи со процесот на проширување.

Ова беа главните пораки на панелот „Југоисточна Европа: Зајакнување на соработката и солидарноста“ во рамки на дводневната конференција на „Економист“ што се одржа вчера во Атина.

За нас не постои друга алтернатива, освен ЕУ иднината, сакаме да ги европеизираме нашите земји, Скопје, Приштина, Белград, Тирана, Подгорица и Сараево, сите ние сакаме во внатрешноста да ги почувствуваме придобивките, рече премиерот Зоран Заев на конференцијата на „Економист“ и додаде дека „ние сме како остров опколен од ЕУ земји и потребна е унификација на Унијата“.

Премиерот Заев во неговото обраќање во Атина ја истакна важноста на регионалната и економската соработка, особено за време на пандемијата и предностите и придобивките кога земјите работат заедно, ги истакна можностите што нашата земја ги нуди за инвестиции, а се задржа и на договорот што вчера се потпиша меѓу двете земји за интерконекторот за природен гас.

-Тоа е многу голем проект, околу 100 милиони евра. 54 милиони евра се во Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност, не само за Македонија, туку и за Србија, за Косово, за Западен Балкан, што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас, објасни Заев и истакна дека нашата земја „станува енергетски коридор за земјите од Западен Балкан“.

За европската перспектива, објасни дека Македонија 16 и пол години е земја кандидат за членство, Договорот за стабилизација и асоцијација беше потпишан по Словенија и пред Хрватска и истакна дека нема простор за фрустрација, но и нема алтернатива за регионот.

-Од Европската Унија, 12 пати имаме потврда дека 100 отсто ги исполнуваме критериумите што се неопходни за интеграција во ЕУ, истакна Заев и додаде дека за одредени реформи, како што се во судството, сме подобри од некои земји од Унијата.

Премиерот истакна дека Македонија, но и другите земји од регионот ја следат европската агенда, како околу климатските промени, така и зелената енергија и изрази задоволство за инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан во висина од девет милијарди евра.

-Сега се обидуваме да отвориме нови зелени коридори со нашите соседни земји и многу сум среќен бидејќи Грција е првата земја што ги отвори овие зелени линии со нас, како земја членка на Европската Унија, бидејќи ние сме опколени од земји членки на ЕУ. Ние сме како остров во средина. И многу сум благодарен што премиерот Мицотакис го направи првиот чекор да го отвори првиот грчки коридор и да ги охрабри другите земји членки да го следат неговиот пример, примерот на Грција, рече Заев.

Закрепнувањето на Македонија, но и генерално на Западен Балкан, овој период е видливо, истакна Заев, говорејќи за економијата и за инвестициите и додаде дека „конечно се враќаме на позитивни стапки на раст“.

-Очекуваме, во првата половина од 2021 година да има раст меѓу 5,5 и 6,5. Што е нешто повеќе и од просекот во земјите од Европската унија и нè охрабрува уште повеќе да привлекуваме инвестиции, рече премиерот.

Паралелно се задржа и на инвестициите како во регионот, така и во нашата земја, додавајќи дека „развиваме алатки за привлекување инвестиции“, особено за време на пандемијата и ги претстави условите за инвестиции во Македонија.

-Овде, на Западен Балкан развивме многу практични алатки како да соработуваме заедно, заедно со балканските земји што се членки на Европската Унија и солидарноста беше видлива, дури и повеќе отколку пред пандемијата. Си помагавме дури и со вакцини. Како што знаете, балканските земји, особено земјите од Зааден Балкан што се кандидати за членки во ЕУ, немаат доволно вакцини, рече Заев и  додаде дека првите вакцини дојдоа од членките на Унијата.

Албанскиот премиер Еди Рама на панелот истакна дека земјите од регионот не сакаат да бараат друга алтернатива за членството во ЕУ.

-Нам порано ни беше кажано дека процесот на интеграција ќе го потисне  балканскиот национализам, но сега се случува спротивното, денес сме заложници на европскиот национализам. И ова е многу тажно, но што можеме да направиме, да продолжиме да чекориме бидејќи немаме друга алтернатива и не сакаме да бараме други алтернативи. Особено тука во Албанија, знаеме дека постојат „демони“, се соочивме со нив во минатото, и ја научивме лекцијата на потешкиот начин, значи нема друга алтернатива освен тоа да имаме свое место во Унијата, мир и безбедност, рече Рама.

Тој оцени дека процесот на европска интеграција станува се помалку и помалку предвидлив и по големото проширување во 2004 година, работите беа потешки за Романија и Бугарија во 2007, а дури потешки потоа за Хрватска.

-Но мора да продолжиме да одиме напред и силно верувам дека во меѓувреме дека ќе ја сработиме задачата дома, ќе продолжиме да туркаме со реформите, не само затоа што тоа се бара од нас, туку и за идните генерации, мора да ги јакнеме и билатералната и регионалната соработка во целина, истакна Рама.

Албанскиот премиер рече дека регионот влезе во нова ера на соработка и поврзување.

-Тука е и Берлинскиот процес. На пример, со премиерот Зоран Заев во последно време остварив повеќе средби отколку со некои мои министри. Од друга страна, исто е и со моите српски колеги, и тоа веќе не е вест, туку е новото нормално. Порано кога се среќавав со Александар Вучиќ тоа беше најголема вест, но сега е нормално. Мора да туркаме напред со нашите соседи, но не со цел да го поделиме регионот, не да создадеме нешто што е во  спротивност на целата визија за регионот, туку она што им го должиме на нашите граѓани, заклучи Рама.

Премиерот на Косово Албин Курти истакна дека соработката меѓу земјите во регионот, како и нивната интеграција во Еворпската Унија, која треба да биде што поскоро, а не да се одолговлечи, е вистинскиот начин за да се оди напред и да се обезбеди долгорочен мир и стабилност.

Поранешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ рече дека 22 години од воспоставувањето на Процесот за стабилизација и асоцијација и 18 години од Агендата во Солун од 2003 година, само Хрватска стана членка на ЕУ.

-Во меѓувреме, повеќе од државите се наоѓаа во состојба на неизвесност, што креира опасни вакуум простори што можат да бидат пополнети од трети сили, кои и не мора да имаат најдобар интерес за регионот. Единствена иднина за регионот на Југоисточна Европа е целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ како предуслоов за долгорочен мир и стабилност, рече Китаровиќ.

Според неа, ЕУ мора да најде заеднички јазик и да продолжи со проширувањето, и тоа повеќе треба да биде консолирдирање, односно Западен Балкан не е двор на ЕУ, туку е составен дел на Унијата и треба да биде консолидиран во неа.

-Има две можности за регионот, едната е да се направат добри работи за многу кратко време, а другата е да се западне во превирања многу брзо и да не заборавиме на тоа. Вакуумот што се создаде во европската интеграција треба да биде пополнет со добри иницијативи што ќе овозможат напредок на регонот. Брдо Бриони процесот и Берлинскиот процес не се доволни, на регионот му требаат повеќе инвестиции што ќе овозможат подобра конективност, кохезија и конкуретност, истакна Грабар Китаровиќ.

Поранешниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, подвлече дека историјата не треба да биде затвор за граѓаните од регионот, туку школа.

-Она што Зоран Заев и Алексис Ципрас го постигнаа со Договорот од Преспа, за тоа беше потребна голема храброст, но духот на Преспа е многу едноставен – можеме да решиме долгорочни конфликти преку дијалог, и сето тоа е базирано врз меѓународното право и заеднички договори, се надевам, дека и Белград и Приштина ќе го постигнат тоа, рече Катругалос.

Тој посочи дека Европската Унија има обврска кон кандидатите за членство, таа треба да ги испочитува своите обврски, да ја испочитува тешката работа што ја прават овие земји, да покаже солидарност во практика, не само теоретски, и ова, како што рече, се големи предизвици за Европа, не само во врска со Балканот, туку и на светската сцена.

-Имаме политичка и морална обврска да продолжиме со Агендата од Солун, да продолжиме во духот на Преспа, со цел да направиме подобра иднина за сите нас, за нашите граѓани и за нашите држави, истакна Катругалос, кој сега е пратеник во грчкиот Парламент.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека земјава е подготвена за започнување на преговорите за членство со Европската унија и дека нема земја која во историјата на членство и преговори со ЕУ била поподготвена од нас.

-Подготвени сме подолго време затоа што ние долго сме во процесот. Но, тоа повторно не треба да го земаме здраво за готово, бидејќи многу лесно се акумулираат проблеми и реформи и прашања доколку вие на дневна основа не продолжите независно каков е односот со преговарачкиот процес. И затоа овие прашања се важни, граѓаните да се релаксираат по однос на тоа прашање, рече Османи завчера, гостувајќи во дневникот на ТВ Сител.

Рече дека фрустрациите поради неоправданите блокади ќе бидат надминати на начин којшто ќе биде прифатлив за сите. 

0 Коментари

Остави коментари