Попоска: „Зошто иднината на Универзитетите е дигитална?“
Foto

Попоска: „Зошто иднината на Универзитетите е дигитална?“

Поминаа речиси три месеци откако Република Северна Македонија го регистрираше првиот случај на позитивен пациент  на коронавирусот, а градинките, училиштата и универзитетите престанаа со спроведување на активности со физичко присуство. 

– „Додека се соочуваме со вториот бран и различни  мислења околу понатамошно спроведување на активностите на факултетите, сакаме да ја споделиме со академската и пошироката јавност нашата приказна во справувањето со последиците од пандемијата и зошто се одлучивме не само наставата туку и испитната сесија да ја реализираме онлјан.“ – вели доц. д-р Весна Попоска, генерална секретарка на меѓународниот универзитет „Визион“, во Гостивар. 

Таа истакнува дека да се организира настава онлајн не е баук ниту, пак, бара поголеми ресурси од вообичаените. 

– „Напротив, ако поседувате соодветна платформа и добро обучен кадар, користењето на предностите на дигиталната технологија станува исклучително олеснителна и рационална околност како за професорите, така и за студентите и нивните семејства. Постојаното образование и обука како центрифугална сила на академската одговорност, но и потребата студентите да бидат обучени со вештини кои понатму ќе им дадат предност и на пазарот на труд и во секојдневниот живот биле секогаш modus operandi на меѓународниот универзитет (н.з. каде што таа работи). Впрочем, ние апелиравме до Министерството за образование и наука да ја префрли севкупната активност на факултетите онлјан, за што министерот Арбер Адеми брзо и одлучно реагираше. Токму затоа, кај нас за разлика од многу европски земји, ниту наставата ниту студентите не претрпеа значителен прекин, одложување во летните месеци или најлошата опција - губење на академската година.“

Пандемијата креира нова реалност за која мора да бидеме подготвени не само во текот на испитната сесија туку и за следната или следните академски години. И покрај можноста која ја даде министерството на барање на дел од универзитетите за реализирање на наставата со физичко присуство, ректорската управа во интерес на заштита на јавното здравје донесе одлука и испитната сесија да се спроведува онлјан преку лиценцираната Мајкрософт платформа. 

Попоска истакнува дека на овој начин, ги заштитиле студентите кои доаѓаат од другите градови да не се изложуваат на дополнителни трошоци и  ризици поврзани со сместувањето и користењето на јавниот превоз, а најмногу од се’ ги поштедиле од стресот на стапување во контакт со потенцијално заболени лица на пат од дома до амфитеатар. 

– „Точно е дека тоа се сериозни ресурси, но нивното алоцирање на соодветен начин низ годините ни овозможи денес да функционираме непречно и дури и подобро од претходно. Во обид да ги насочиме студентите кон  стекнување на дигитални вештини, алатките кои ги користевме делумно во текот на редовната настава, не им беа непознати кога пандемијата го затекна светот неподготвен, заради што и наставата и испитите се одвиваат непречно. Сите активности континуирани ги следи лично ректорот проф. д-р Фадил Хоџа врз основа на дневни извештаи. Тоа што особено не’ радува е што студентите на онлајн часовите се уште поредовни отколку вообичаено и што интересот за наставата и после три месеци, не опаѓа. Тоа што најмногу не’ радува е што до овој момент немаме ниту еден студент или наш вработен што заболел од вирусот.“

0 Коментари

Остави коментари