ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА НЕГОТИНО
Foto

ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ЗА ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА НЕГОТИНО

Им пишувал на вработените повеќе од законски дозволениот број прекувремени часови и им пресметувал повисоки суми за нив. Кавадаречкото обвинителство поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на неготино Ванчо Апостолов. Го обвинува дека во периодот од 2014 до 2017 година на четворица службеници во општината незаконски им исплатил преку 11 илјади евра за прекувремени работни часови. Според обвинението, Апостолов не смеел да го направи тоа, бидејќи било спротивно на сите закони кои ја регулираат оваа област. Тој им пресметувал повеќе од законските 190 часови прекувремена работа годишно и за тоа, наместо законските 35 им пресметувал зголемување на плата од 40 проценти. Обвинителството го обвинува Апостолов дека за ова не постоела никаква документација во општината, не биле издавани решенија, ниту биле изготвувани извештаи за прекувремена работа. Поранешниот градоначалник на неготино Ванчо Апостолов во целата работа гледа политика.

„Ова е класичен политички реваншизам. Ништо од наведеното во обвинението кое утрово го прочитав по медиуми не е точно. Сите прекувремени часови ми беа пријавувани и за нив беше исплаќано по закон. Ако нема политика во ова, зошто обвинителството ги спори исплатите само на четворицата службеници кои се членови на ВМРО ДПМНЕ, а не и исплатите на вработените во општината, членови на СДСМ, кои исто како и првите, имаа прекувремени часови, кои им беа платени? Ова се прави само за да се скрие неспособноста на локалната власт во Неготино.“ - вели Апостолов.

Екс градоначалникот Апостолов тврди ќе ја докаже својата невиност, доколку дојде до судење. Ова не е прв судир со законот на Апостолов. Пред една и пол година, непосредно пред локалните избори, полицијата му поднесе три кривични пријави за злоупотреба на службена положба. Ванчо Апостолов беше градоначалник на неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во еден мандат.

 

0 Коментари

Остави коментари